Лазаров беше најефикасен во репезентацијата на Македонија со шест гола

Задоволен сум што победнички ги завршивме двете квалификациски кола и покрај сите проблеми поврзани со коронавирусот со кои се соочувавме. Се надевам дека во мартовските, априлските и во мајските квалификациски дуели в година ќе одиграме на уште повисоко ниво и дека ќе го завериме нашиот билет за ЕП во Унгарија и во Словачка, изјави селекторот Брестовац, по победата над Швајцарија на гости со 25-23

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2022 ГОДИНА

Македонската машка ракометна репрезентација ја оствари поставената цел пред почетокот на квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година, забележувајќи две победи на патот кон обезбедување на седмиот пласман на континенталното натпреварување што во 2022 година треба да се игра во Унгарија и во Словачка. Македонските репрезентативци прво ја совладаа селекцијата на Финска со 33-24, во Скопје, а потоа забележаа значајна победа на гостински терен, против репрезентацијата на Швајцарија, со 25-23, во Шафхаузен.
– Со победите над Финска и над Швајцарија завршивме голема работа на патот кон обезбедување пласман на ЕП 2022. Имавме и добри и лоши моменти во натпреварот, но најважно е што во последните 15 минути бевме на потребното ниво, особено во одбраната и што ја задржавме традицијата со петти триумф над Швајцарија во низа – изјави левиот бек Филип Талески по победата над Швајцарците.
Иако коронавирусот го лимитира изборот на селекторот Данило Брестовац, македонскиот национален тим успеа да одигра доволно добро во двата меча и да стигне до посакуваните четири бода во почетокот од квалификациите.
– Задоволен сум што победнички ги завршивме двете квалификациски кола и покрај сите проблеми поврзани со коронавирусот со кои се соочувавме.

Би било сосема погрешно ако ја гледаме целта, пласман на ЕП, а да престанеме да трчаме. Репрезентацијата ја има потребната физиономија, но не и конечниот изглед за да можеме да играме и да победуваме против големи репрезентации. Имаме време, имаме поддршка и трпение од Ракометната федерација на Македонија и од претседателот, за следење на курсот на кој се наоѓаме. Не ме загрижува нерешителноста на помладите репрезентативци, напротив, ме радуваат нивната дисциплина, борбеноста, желбата за победа и истрајноста во создавањето шанса. Се надевам дека во мартовските, априлските и во мајските квалификациски дуели в година ќе одиграме на уште повисоко ниво и дека ќе го завериме нашиот билет за ЕП во Унгарија и во Словачка – изјави селекторот Брестовац.
Најефикасен во победата на Македонија над Швајцарија беше капитенот Кирил Лазаров со шест гола, Стојанче Стоилов реализира пет погодока, а по четири пати во листата на стрелците се запишаа Филип Кузмановски и Гоце Георгиевски.

Следниот квалификациски циклус на распоредот е во март 2021 година, во кој противник на македонскиот национален тим ќе му биде селекцијата на Данска, која, пак, во првите две кола славеше убедливи победи над репрезентациите на Финска (40-22) и на Швајцарија (31-26). Првиот натпревар е предвиден за 10 март, во Македонија, а вториот дуел е закажан три дена подоцна во Данска. Потоа на 28 април следува мечот на гости кај Финска и на 2 мај со Швајцарија во Македонија.
Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат по две најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во групите. Директен пласман на континенталното првенство во 2022 година обезбедија домаќините Унгарија и Словачка, како и финалистите од ЕП 2020, Шпанија и Хрватска.