Машката македонска сениорска ракометна репрезентација ќе биде дел од ново Светско ракометно првенство кое утре започнува во Египет. Нашите репрезентативци одат на Мундијалот „на мала врата“, како прва резерва откако селекцијата на Чешка мораше да го откаже својот настап поради големиот број ракометари позитивни на коронавирусот.
Нашите ракометари, кои се очекува што поскоро да отпатуваат кон африканската држава ќе бидат дел од групата Г, заедно со селекцијата на домаќинот Египет, потоа десеткуваниот тим на Шведска и аутсајдерот Чиле, селекција која минативе денови двапати ја совладавме во пријателски мечеви.
В четврток во 1.коло играме со Шведска, на 16 јануари се среќаваме со домаќинот Египет, а на 18. ќе играме против Чиле.
14 јануари во 20:30 часот дуел: Шведска – Македонија
16 јануари во 18:00 часот дуел: Египет – Македонија
18 јануари во 15:30 часот дуел: Македонија – Чиле
Според правилата, најдобрите три репрезентации од секоја група одат во следната фаза, по што се вкрстува со групата Х, каде се селекциите на Словенија, Белорусија, Русија и Јужна Кореја.
За Македонија ова ќе е седмо учество на СП откако првото беше пред 22 години, токму во Египет.