Македонската ракометна репрезентација загуби од домаќинот Австрија со 28-32 (12-18) во одлучувачкиот меч од третото коло од групата Б, одигран попладнево во Виена, со што го заврши учеството на Европското првенство.
Домаќините со низа од пет погодоци стигнаа предност од осум гола (18-10) во 28-та минута од првото полувреме, користејќи ги грешките на Македонија во нападот, за во вториот дел да го зголемат водството на десет гола, со што дуелот беше одлучен. Црвено-жолтите само успеаја да го ублажат поразот до крајот на мечот.
Роберт Вебер беше најефикасен кај Австрија со седум гола, додека кај Македонија предничеше Стојанче Стоилов со пет погодоци. Австрискиот голман Томас Ајхбергер кој забележа 15 одбрани, беше прогласен за играч на натпреварот.
Избраниците на Данило Брестовац го почнаа континенталниот шампионат со победа над Украина од 26-25, но потоа загубија во неизвесниот дуел со Чешка 25-27, како и од Австрија.
Македонија на тој начин беше елиминирана во првата фаза на ЕП, што претходно се случи на дебито на континенталните шампионати во 1998 година. На претходните четири учества едноподруго (од 2012 до 2018-та година) црвено-жолтите играа во втората рунда, со што на ЕП 2012 го остварија најдобриот пласман на петтата позиција.