Селекторот Лазаров, по успешно завршената работа во квалификациите за пласман на ЕП 2022, ќе атакува на најдобар резултат на македонскиот национален тим на едно големо натпреварување, а за тоа ќе му треба широк состав на играчи што играат во своите клубови, високо ниво на мотивираност и мобилност на тимот, железна дисциплина и малку спортска среќа
Со петтата победа од шест натпревари во рамките од седмата квалификациска група за пласман на Европското првенство во 2022 година, реализирана на домашен терен против мотивираната Швајцарија, македонскиот национален тим го обезбеди шестото последователно учество на европските првенства, вкупно седмо во својата историја. Она што е уште поважно, Македонија ја „помина“ групата со најдобар ефект во едни квалификации, во кои наши противници беа актуелниот светски првак Данска, Швајцарија и Финска.
Митревски е веќе класа, Томовски и уште неколку млади голмани негова поддршка
Во натпревар што многу повеќе значење имаше за нашиот противник, Македонија чесно одработи и заслужено победи, предводена од Никола Митревски на голот, кој како ретко кој наш голман последните петнаесетина години, претставува константа во делот испорака на двоцифрен број интервенции. На тој начин, голманската позиција, како во моментов така и следните неколку години, е една од најдобро пополнетите позиции со квалитетен кадар, имајќи предвид дека покрај Митревски, на овие квалификации и Томовски имаше забележителни настапи, а покрај нив двајца Македонија има уште два-три млади и квалитетни голмани. Ова е особено важен детаљ во мозаикот на стручниот штаб, кој преферира плитка зона, брза игра и повеќе „лесни“ голови.
Зоната 6-0 „фаќа место“, до јануари ќе се гради зоната 5-1 како алтернативно решение
Претходниве неколку години сите што малку се вклучени во ракометот можеа да забележат дека Македонија има низок процент на лесно постигнати голови, голови од контра или од полуконтра, од брз центар и слично. Иако нашата зона во минатото беше на солидно ниво, многу често Македонија можеби без адекватна поддршка од голман не успеваше во делот на постигнувањето т.н. лесни голови. Во моментов Македонија, иако го крена степенот на агресивност во делот на одбраната, впечаток е дека има голем простор за напредок, простор за вклучување нови алтернативи, особено на позициите 3 и 4, каде што во моментов како опција ги има Мишевски, Никола Маркоски, Талески и натурализираниот Младеновиќ. Исто така, Македонија до јануари мора да вклучи уште една одбранбена формација во својот репертоар, зона 5-1, за која ни е потребен играч што ќе може да ги исполни задачите на селекторот. Дел од оваа формација видовме и на натпреварот со Швајцарија, со Мишевски како решение на преден и Талески како командант на зоната. Велковски и Кузмановски во оваа констелација се фиксни решенија на халфовските позиции во таа зона, потпомогнати, како краткорочно решение (до јуни 2022) од искусните Стоилов и Миркуловски. За жал, противникот со решение напаѓачка формација „7 на 6“ брзо ни ги расипа плановите и нашиот стручен штаб немаше можност за вистински тест на можностите на оваа зона.
Нападот со Лазаров, Миркуловски, но и со Кузмановски како перјаници на надворешните позиции и Стоилов и Пешевски на линијата ќе биде проблем за секој противник на ЕП 2022
Можноста што ни ја дадоа претходните резултати во нашата квалификациска група, особено победите на гостински терен во Швајцарија и „чудото“ против светскиот првак Данска, но и дуели со противници што се пониско рангирани од нас (Финска), селекторот Лазаров се обиде особено да ја искористи во делот на проширување на составот на играчи во нападот, играчи на кои може да се смета во иднина. Особено ова важи за нашата најдефицитарна позиција во перспектива, тоа е позицијата централен бек разигрувач, на која по неколку години пауза се врати Филип Миркуловски, играч што и во овие квалификации имаше голем придонес во остварените резултати. Младиот Ѓоргиев во перспектива треба да очекуваме сѐ повеќе да ја пополнува оваа позиција, но стручниот штаб би требало да има уште некој играч како алтернатива, имајќи ги предвид возраста и неискуството на младиот среден бек на Голден арт КЛ7. Тоа пред сѐ важи за стружанецот Танкоски, кој мора со повеќе минутажа во својот клуб, но и филозофија на дејствување на терен како разигрувач да му се наметне на селекторот и да го врати репрезентативниот статус што го изгуби последните 3-4 месеци.
Во таква констелација на работите, играчот што прераснува во вистински лидер на националниот тим, Филип Кузмановски, ќе ја покрива позицијата лев бек, позиција на која Филип Талески со својот начин на игра во која чека некој да изработи за него позиција и многу тешко реализира од далечина станува проблематична и која барем уште една до две години (додека не созреат некои нови момци) ќе биде проблематична. На десната страна, не сметајќи го капитенот, во моментот Велковски е играчот што ја има довербата на Лазаров, пред сѐ поради своите перформанси во одбраната и начинот на кој игра (без многу потрошени топки, одличен преглед на игра и „вработување“ на пивотите), и тоа не само на позицијата десен бек, видовме дека со цел капитенот да биде што повеќе присутен во поле Велковски во еден дел од натпреварите (ќе) троши минутажа и на десно крило.
Во принцип, на кратки патеки, нашиот напад со Лазаров, Миркуловски и со Кузмановски како негови предводници, комбинирани со Стоилов и Пешевски на „црта“ ќе биде проблем за секоја дефанзивана формација во светот на ракометот. На долги, тежиштето од десната неминовно ќе се префрли на левата бековска позиција, очекувајќи ги новите момци од генерациите 2000 и 2002.
Транзицијата од напад во одбрана, во случај на примен гол или одбранет напад, за разлика од претходно, е за еден степен забрзана и поефикасна, а таквата игра и уште некој степен унапредена, во иднина ќе ни даде многу опции за реализација. Сепак, тоа е процес и веројатно ќе потрае. Тоа што дава надеж е играта на Велковски и на Кузмановски, па и на Талески (кој е доста подвижен за својата висина) во транзиција, дополнети од крилата и во иднина потпомогнати од пивот што би учествувал во двата краја на теренот.
Во овие квалификации Македонија одигра најконстантно во својата историја, менувајќи го и селекторот во меѓувреме. Брестовац иако остави во наследство брејк во Швајцарија, по анемичната игра во Египет беше заменет со капитенот Лазаров. Новиот селектор состави „широк“ стручен штаб, составен од бивши соиграчи што треба да му го чуваат грбот и да „фаќаат“ детали, притоа наметнувајќи атмосфера на победници, успеа за краток период да создаде „тензија“ кај играчите во борбата за место во првите 16 што ќе истрчаат на терен во дресот со националниот грб, креирајќи почва за максимална мотивираност кај секој поединец што добива шанса да биде меѓу „избраните“ и дисциплина во извршувањето на задачите во секој момент од натпреварот.
Од друга страна, како гарант за успех на кратки патеки и реализирање на планираното, селекторот логично како прв потег извлече од ракав најсилен адут, оставајќи се во игра себеси и враќајќи го Миркуловски во строј, заедно со Манасков и Георгиевски, кои под сомнителни околности „исчезнаа“ од списокот на патници на СП во Египет. „Староседелците“ од минатите квалификации потпомогнати од повратникот Миркуловски и лидерот во најава Кузмановски ја однесоа Македонија на нов голем настан, настан на кој ќе се атакува на највисок пласман во историјата.
Но, да бидеме реални, не е сѐ така розово во нашиот национален тим.
Огромна работа му претстои на стручниот штаб во „регрутирање“ и вметнување во систем нови ракометари што можат да одговорат на барањата што ги има едно големо натпреварување или еден квалификациски циклус. Во квалификациите што се зад нас, со намера да им се даде шанса на што повеќе играчи, многупати видовме дека „чергата“ на овој национален тим без „старата гарда“ во моментов е многу кратка и сликата што се создава во јавноста е во најмала рака малку искривена. Во таква ситуација, „жешките костени“ повторно ги вадеа Лазаров, Миркуловски, Стоилов, Митревски и преостанатите, со единствена цел одржување на континуитетот на учество на големи смотри и бајпасирање на генерацијата на Кузмановски, Талески, Томовски, Велковски, Лазаревски, Маџовски со онаа на Костески, Ѓоргиев, Младеновиќ, Кизиќ, Кристијан Симоноски па и Емилијан Ѓорговски.
За ракометот да остане најуспешен спорт во Македонија.
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар