Поразот од Хановер претставува добра лекција за тоа како и што треба да промениме во продолжението од натпреварувањето, вели тренерот на Еурофарм работник, Ѓорѓе Чирковиќ
Ракометарите на Еурофарм работник со пораз од 21-24 го започнаа настапот во групната фаза од Купот на ЕХФ, на гостувањето кај бундеслигашот Хановер во мечот од 1-то коло. Германците уште од самиот почеток ја потврдија својата фаворитска улога наметнувајќи офанзивно темпо, во кое главниот збор околу организацијата и реализацијата го имаше данскиот репрезентативец Мортен Олсен. Македонскиот суперлигаш во неколку наврати успеа да ја анулира предноста на противникот и да ја задржи конкурентноста на теренот, но сепак, најголем проблем за избраниците на Ѓорѓе Чирковиќ беше недостигот од искуство, кога во завршните минути избрзаа во организацијата на нападот и не успеаја да израмнат при резултат.
– Поразот од Хановер претставува добра лекција за тоа, како и што треба да промениме во продолжението од натпреварувањето за да го покажеме нашето најдобро издание – рече тренерот на Еурофарм работник, Ѓорѓе Чирковиќ.
Најголемата пречка за ракометарите на Еурофарм беше одличниот словенечки голман Урбан Лесјак, кој забележа 16 интервенции на голот на Хановер, од кои 11 во второто полувреме.
Најефикасен во редовите на Еурофарм работник беше пикерот Елмир Граџан со шест гола, Филип Кузмановски и Владислав Остроушко постигнаа по четири погодоци, а кај Хановер, Данецот Олсен со седум погодоци.
Во второто коло од групната фаза Еурофарм работник ќе го пречека унгарскиот претставник Татабања, кој, пак, во 1-то коло на домашен терен со примен гол во последната секунда загуби од хрватски Нексе со 27-28.