Селекторот и капитен на македонската репрезентација Кирил Лазаров со Нант не успеа да се пласира во финалето на Лигата на шампионите, откако загуби од Барселона со 26-31 во второто полуфинале на завршниот турнир во Келн. Лазаров го заврши со мечот со два гола.
Барса постојано беше во водство, со што го скрши отпорот на Нант во 52-та минута, кога со два брзи гола стекна предност од шест погодоци.
Централни фигури на мечот беа голманите. Гонзало Перез де Варгас од Барселона имаше 16 одбрани, Емил Нилсен сопре 13 удари на голот на Нант.
Барселона се врати во Келн, каде пред шест месеци не успеа во финалето против Кил, во нов обид да ја освои јубилејната десетта титула во ЛШ. Утре од 18 часот, Барселона во финалето ќе игра против Алборг.
Ракометарите на Алборг изборија сензационален пласман во финалето, откако во првото полуфинале на завршниот турнир го поразија фаворизираниот ПСЖ со 35-33.
Феликс Клар го предводеше Алборг со осум гола, а Недим Ремили постигна седум погодоци за ПСЖ.