Доколку сакаме добро да одиграме на СП, кое сега има нов формат, со најмалку осум тешки натпревари во 14 дена, покрај добрата психичка и тактичка подготвеност, физичката подготвеност мора да ни е на високо ниво. Секогаш сум позитивен и оптимист, изјави капитенот Кирил Лазаров
Македонската машка ракометна репрезентација во понеделникот официјално ги почна подготовките за настап на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска, во јануари. Собирот помина во отсуство на селекторот Раул Гонзалес и неговиот прв асистент Роберто Парондо, кои ќе дојдат со еден ден задоцнување поради прославата на Божиќ со своите семејства. Еден ден ќе доцни и Филип Лазаров, а последен на тимот треба да му се приклучи Филип Талески, кој на 28 декември го има последниот меч годинава во Бундес-лигата.
Овој пат, за разлика од претходните собири, македонската репрезентација има нов, освежен лик и со членови на јуниорската репрезентација, која во минатата година на СП во Алжир го освои шестото место, што е најголем успех на која било машка ракометна репрезентација во која било возрасна категорија.
– Прерано е да се даваат некои заклучоци и коментари околу подмладувањето на репрезентацијата. Мислам дека треба прво да почнеме со тренинзи, па да видиме какви сме и колкави ни се можностите. Доколку сакаме добро да одиграме на претстојното СП, кое сега има нов формат, со најмалку осум тешки натпревари во 14 дена, покрај добрата психичка и тактичка подготвеност, физичката подготвеност мора да ни е на високо ниво. Немаме многу време за работа и затоа не смееме да се впуштаме во некои ветувања и предвидувања. Затоа, овој краток период што го имаме на располагање треба максимално да го искористиме за подготовка и за уигрување, за да можеме на терен да го демонстрираме најдоброто од нас. Секогаш сум позитивен и оптимист и верувам дека како што нас нѐ изненади Грција така и ние можеме да изненадиме некој од противниците – изјави капитенот Кирил Лазаров.
Селекторот на македонскиот национален тим реши да го направи првиот покрупен чекор кон подмладувањето на репрезентацијата и да внесе свежа крв во искусниот тим. На скратениот репрезентативен список со 22 ракометари што се подготвуваат за СП, Гонзалес повика пет актуелни младински репрезентативци, Мартин Серафимов (18), Марио Танкоски (20), Димитар Димитриоски (20), Томислав Јагуриновски (20) и Милан Лазаревски (21), а во составот се и Филип Талески (22), Филип Кузмановски (22), Горан Крстевски (22) и Мартин Томовски (21), кои, исто така, се дел од новата генерација и кои беа дел од мундијалската младинска селекција, која во Алжир во 2017 година го освои шестото место, каде што играа и Танкоски, Димитриоски, Лазаревски и Јагуриновски. На листата млади ракометари недостига десниот бек Мартин Велковски (21), кој поради повреда на Аахиловата тетива го пропушта овој Мундијал.
За овој Мундијал останува селекторот да го склопи мозаикот и да ја најде формулата за успешен спој на генерациите. Македонија на СП е во група со Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и со Исланд. Првопласираните три селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во втората групна фаза.