Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров не успеа да го освои трофејот во Лигата на шампионите (ЛШ), откако неговиот Нант беше поразен од Монпелје со 26-32, во финалната пресметка помеѓу француските клубови на фајналфор-турнирот во Келн.
Лазаров постигна шест гола, со што се зацврсти на позицијата на најдобар стрелец на фајналфор-турнирите со вкупно 65 погодоци. За одличниот десен бек, ова беше трет пораз во четвртото финале на ЛШ. Тој стана европски првак со Барселона во 2015 година.
Монпелје кој го совлада Вардар во полуфиналето (28-27), го повтори успехот од 2003 година, со што и натаму останува единствен француски клуб кој ја освои ЛШ.
Ланскиот првак Вардар заврши на четвртата позиција, откако загуби минимално од ПСЖ 28-29 во дуелот на поразените полуфиналисти, што беше реприза на финалето од минатата сезона.