Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме, ќе го дадеме максимумот на секој меч, а ќе видиме за каков пласман сето тоа ќе биде доволно. Не сме го заборавиле дуелот со Грција, по тој пораз сега и Јапонија за нас е како светски првак, вели капитенот Кирил Лазаров

Македонските репрезентативци имаат уште неколку дена до првиот натпревар и почетокот на Светското првенство (СП) во ракомет што ќе се одржи во Германија и во Данска. По синоќешниот и денешниот тест со селекцијата на Србија, селекторот Раул Гонзалес ќе треба да ја има финалната слика на селекцијата, која шести пат ќе ги брани боите на Македонија на ракометните мундијали. Очекувањата, горе-долу се познати, а ракометите и стручниот штаб, поучени од скорешниот квалификациски меч со Грција, не се залетуваат со најави за висок пласман, туку претпазливо и со респект гледаат на сите ривали од групата Б.

– Неблагодарно е пред првенство да се прогнозира што можеме да направиме и до каде можеме да стигнеме на ова СП. Она што можам да го ветам е дека ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме, ќе го дадеме максимумот на секој меч, а ќе видиме за каков пласман сето тоа ќе биде доволно.

Не сме го заборавиле дуелот со Грција, по тој пораз сега и Јапонија за нас е како светски првак. Мораме да останеме скромни, да работиме напорно без оглед на противникот и да одиме од натпревар во натпревар, почнувајќи од првиот дуел со Јапонците – вели капитенот Кирил Лазаров.

За разлика од претходно, на ова 26-то СП Македонија ќе настапи со видно подмладен состав, кој на терен ќе го предводи искусниот капитен Лазаров, а од клупата ќе го диригира селекторот Гонзалес.

 Трениравме многу напорно во изминатиот период, а најважно е тоа што младите репрезентативци покажуваат карактер и квалитет. Има денови кога на тренинг изгледаме како најдобра репрезентација во светот, но веќе следниот ден како најслаба селекција. Тоа е сосема очекувано и нормално со оглед нивното искуство, но затоа сме тука ние, поискусните да ги повлечеме и да ги насочиме. Најважно е што тие поседуваат потенцијал, квалитет, но и желба за напредок и тоа е она што ми дава верба дека под водство на врвен стратег како што е Гонзалес, македонскиот ракомет ќе продолжи успешно да се развива – додава Лазаров.

Македонија на СП ќе биде дел од групата Б заедно со селекциите на актуелниот европски првак Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин. Македонските репрезентативци во Скопје ќе тренираат до 8 јануари, а потоа ќе заминат за Минхен, Германија, градот во кој ќе се играат дуелите од групата Б, а прв противник ќе им биде Јапонија (11 јануари, 15 ч). 


МОК финансиски се погрижи за македонскиот ракомет

Во пресрет на СП во Германија и во Данска, Македонскиот олимписки комитет (МОК) упати финансиска инјекција до Ракометната федерација на Македонија (РФМ) во висина од 40.000 долари, средства наменети за најдобрите македонски ракометари, кои ќе учествуваат на Мундијалот, односно за реализација на нивните подготовки. За понатамошно унапредување на македонскиот ракомет, МОК обезбеди и дополнителни 10.000 долари за обука на тренери на Универзитетот за физичко образование и спорт во Будимпешта (Унгарија). Еден македонски тренер ќе престојува на тримесечна обука на овој престижен спортски универзитет.