Ракометната репрезентација 11-ти пат во низа ќе игра на големите натпреварувања, а на едно коло пред крајот на квалификациите пласман на ЕП 2022 обезбедија и Германија, Данска, Русија, Србија и Шведска
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2022
Македонската машка ракометна репрезентација ја оправда фаворитската улога на дуелот со селекцијата на Финска, забележувајќи ја четвртата победа (27-22) во петтиот квалификациски меч, со која и теоретски го завери пласманот на Европското првенство (ЕП) в година што треба да се игра во Унгарија и во Словачка. На едно коло пред крајот на квалификациите пласман на ЕП обезбедија и Германија, Данска, Русија, Србија и Шведска.
Финците наметнаа своја игра и темпо, со кое имаа контрола над резултатот во првите 30 минути. Меѓутоа во продолжението од натпреварот, македонскиот состав заигра многу поборбено и поцврсто во одбраната, па со серија од 5-0 направи пресврт, за остварување на целта, шести пласман во низа на ЕП и од 2012 година 11-ти пат во низа, заедно со светските првенства, настап на големите натпреварувања. Голманот Патрик Росландер со 22 одбрани беше најзаслужен за отпорот што го даде домашниот состав. Капитенот Кирил Лазаров и Филип Кузмановски со по пет гола беа најефикасни во македонската репрезентација.
– Забележавме очекувано тешка, но за мене заслужена победа. Финците беа крајно мотивирани и спремни за овој натпревар. Во денешно време сите играат ракомет и не смее никој да се потцени. Ме радува тоа што покажавме карактер и што успеавме второто полувреме да го добиеме со седум гола разлика, а притоа им дадовме и шанса на помладите играчи што е многу важно за нив – изјави Лазаров по мечот со Финска.
Селекцијата на Швајцарија в недела (17 ч.) ќе ѝ биде последниот противник на Македонија во овој квалификациски циклус. Во досегашниот тек од квалификациите, Швајцарците забележаа две победи над Финска (32-19, 32-30) и три пораза, два од Данска (31-26, 30-29) и еден од Македонија (25-23).
– Нѐ очекува уште еден тежок дуел, кој ќе биде вистински испит за нас и нашите помлади играчи. Швајцарија има тим за респект. Одиграа многу квалитетно на СП во Египет, а одлични беа и во вчерашниот дуел против светскиот шампион Данска. Имаме два дена за подготовка, во кои ќе се обидеме максимално квалитетно да се подготвиме за дуелот со нив – рече капитенот и селектор Лазаров.
За Македонија и за Швајцарија дуелот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе биде осма меѓусебна средба, сите во квалификациите за ЕП. Од седумте претходни средби, Македонија има пет победи, а Швајцарија две. Швајцарија досега четири пати играла на ЕП, и тоа во 2002 (13-то место), во 2004 (12-та), во 2006 (14-та) и лани (16-то место). Најсилна алка во тимот на селекторот Мартин Шутер е централниот бек Енди Шмид (37), кој со 47 гола е и најефикасен во швајцарскиот состав, а значајна улога имаат и левиот бек Лени Рубин, десниот бек Николас Реами и двата пикери Ален Милошевиќ и Лукас Меистер. По пет кола, Македонија има осум бода и е на втората позиција во групата 7, во која осум бода има и Данска, Швајцарија има четири, а Финска е без бодови. Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции од секоја од осумте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните.