Домаќинот, предводен од Гарсија Парондо, покажа многу на овој шампионат. Во ситуација кога нивната антропологија е феноменална и физички се доминантни, покажаа дека со систем на работа и, секако, услови за имплементација на истиот тој, една африканска репрезентација може да одигра квалитетно на тактички план, со дисциплина и одговорност во самата игра. Египет ќе има што да каже и на следните големи натпреварувања. Има ли некој, освен Египет, да ги антиципира новите трендови во ракометот?
НАМЕСТО ЕПИЛОГ ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ, ЕГИПЕТ:
Решенија со помалку измени во два правца за повеќе голови од транзиција е интенцијата кон која тежнее ракометот. Скандинавците, Франција и Египет се најблиску до таква поставеност на работите.
Скандинавците со „тотален“ ракомет до најсјајните медали
Данска ја победи Шведска во финалето на 27-то светско ракометно првенство што неодамна се одржа во Египет. Во време на пандемија на коронавирусот и ситуација во која и во двете селекции недостигаа многу важни играчи (Лауге Шмит, браќата Тифт Хансен, Нилсен…), на површина испливаа неколку млади играчи, како што се десниот бек и пивотменот на Данска, Матијас Гидзел, и Магнус Саугструп. Она што беше воочливо кај овие двајца, а и неколкумина други во двата состава е тоа што младоста и неискуството од големи натпреварувања во ниту еден момент не се почувствуваа на терен, односно тие беа комплетно подготвени за предизвикот.
Од друга страна, тоа што треба да се забележи е форматот што го форсираат, не само финалистите од последното првенство, тоа е впечаток за повеќето селекции што завршија при самиот врв, а тоа е користењето на составот на играчи во два правца, со минимални корекции напад-одбрана (исклучок може да се напомене Шпанија со Морос и со Гвардиола) и на база на својата техничка подготвеност (во која предничи ракометна Скандинавија) постигнуваа максимален број брзи и т.н. лесни голови.
Само како пример, Гидзел, кој одигра одлично првенство во напад, ја покрива и повеќе од солидно позицијата два во одбрана или Магнус Ландин, левото крило на Данска, со своите предиспозиции и квалитет да одигра на позиција петка ја „остави“ во игра во одбрана првата ѕвезда Микел Хансен, одморајќи го на позицијата шест, со задача комплетно да ја контролира брзата транзиција на идниот светски првак. Данска во моментов (а и во минатото) имала многу подобри играчи на позиција лево крило, но висината и можноста за покривање на позицијата пет го направи Магнус Ландин „пик број еден“.
Впрочем, Хансен одморен и комплетно фокусиран на нападот беше клучен играч на Данска за освојување на златниот медал. Тоа се сегменти што на вакви големи натпреварувања прават разлика и одлучуваат за тоа кој ќе дотурка најдалеку.
Дујшебаев е сегашноста, но и иднината на Шпанците
Шпанија и понатаму е најголем извозник на тренерски кадар, кадар што е „на цена“ и тоа се покажа и на ова првенство, со систем на игра што бара играчи на надворешните позиции, кои одлично ја контролираат топката и пивот од висока класа. Со профилирањето на Дујшебаев во сериозен европски играч на двете страни од теренот, Шпанија и во иднина, без разлика на нивниот начин на „контролирана“ игра без „трчај и шутирај“ елементи во неа, ќе го користи истиот тој во транзиција и ќе биде конкурентна.
Франција без лидер на теренот одлично помина на СП
За Франција, од друга страна, со многу изменет состав и сѐ помалку играчи од „златната“ ера, иако стигна многу далеку на овој турнир, останува чувството дека ѝ недостига лидер на теренот од калибарот на Никола Карабатиќ или Тиери Омејер. Креативноста во нападот и квалитет помеѓу стативите недостигаат, за разлика од физичките предиспозиции, кои и никогаш не биле спорни. За издвојување е враќањето на Мишел Гигу во националниот тим, ветеранот со безброј медали, како порака дека кога се работи за национална селекција нема „пензионирани играчи“.
Египет со Парондо ќе има што да каже во иднина
Домаќинот, предводен од Гарсија Парондо, покажа многу на овој шампионат, во ситуација кога нивната антропологија е феноменална и физички се доминантни, покажаа дека со систем на работа и, секако, услови за имплементација на истиот тој, една африканска репрезентација може да одигра квалитетно на тактички план, со дисциплина и одговорност во самата игра. Египет ќе има што да каже и на следните големи натпреварувања.
Норвешка и Хрватска со ограничени решенија за повредените Циндриќ
и Сагосен
Репрезентациите од кои очекувавме повеќе на овој шампионат, Норвешка и Хрватска, покажаа ранливост во ситуација кога главните играчи во тимот од типот на Сандер Сагосен и на Лука Циндриќ ги нема, или играат под повреда. Норвешка со „здрав“ Сагосен (иако тоа во иднина ќе биде сѐ потешко имајќи го предвид системот на натпревари и начинот на игра) ќе биде повторно во првите 4-5 селекции, а Хрватска по ерата на Лино Червар ја очекува тежок пат за враќање на местото на кое сме навикнале да ја гледаме. Циндриќ иако млад е со многу повреди, Домагој Дувњак, исто така, но во друга возраст, а на повидок нема достојна замена…
Заклучокот за шампионатот што е зад нас е дека транзицијата и брзите голови, како резултат на производство и промоција на комплетни играчи што играат и напад и одбрана, секогаш ја прават разликата во квалитет, а богами и во резултат.
Авторот е поранешен македонски репрезентативец и ракометен аналитичар