Нема дилема дека доаѓам во голем клуб и среќен сум и задоволен поради тоа. Металург прави нова екипа, верувам дека ќе имаме што да кажеме и да покажеме на сите фронтови на кои ќе се натпреваруваме, изјави пикерот Канкараш, кој пристигнува од белорускиот Мешков
РАКОМЕТ – БРАНКО КАНКАРАШ, НОВО ЗАСИЛУВАЊЕ НА ОСВОЈУВАЧОТ НА КУПОТ НА МАКЕДОНИЈА
Полека но сигурно освојувачот на Купот на Македонија, Металург, почна со составување силен тим за новата сезона, па по левиот бек Момир Рниќ, црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш (31 година, 192 см) е второто интернационално име што ќе го засили тимот од „Автокоманда“. Канкараш во Металург доаѓа од белорускиот првак Мешков Брест.
– Нема дилема дека доаѓам во голем клуб и среќен сум и задоволен поради тоа. Имав понуди од повеќе клубови, но идејата, желбата и амбицијата на Металург да формира силен тим, кој повторно ќе има свој збор во ракометна Европа, се совпадна со моите амбиции, бидејќи „победа во секој меч“ е и моето мото.
Кога ќе кажеш Металург, секаде во Европа знаат дека станува збор за голем клуб, со традиција и историја. Металург прави нова екипа, поквалитетна од минатата година, ќе има освежувања на сите позиции и верувам дека ќе имаме што да кажеме и да покажеме на сите фронтови на кои ќе се натпреваруваме. Една од причините за моето доаѓање во Металург е и работата со тренерот Зоран Кастратовиќ, под чија палка верувам дека уште повеќе ќе ја подобрам и унапредам својата играта – рече Канкараш, кој своето ракометно искуство го собирал и надградувал во српската, турската, француската и во белоруската лига.
Во минатата сезона како член на Мешков, Црногорецот ја почувствува ракометната атмосфера што владее на натпреварите во Македонија.
– Се одушевував од македонската публика на секој меч што го игравме со македонските тимови во Регионалната лигата и во Лигата на шампионите и искрено едвај чекам да почнат обврските со клубот, натпреварите и навивањето на публиката, која дава посебна енергија и мотив за игра и за победа – вели Канкараш.
Канкараш ја почнал ракометната кариера во Југовиќ Каќ (од 2006 до 2013 година), кратко време бил дел од Металопластика од Шабац и од Војводина, една сезона поминал и во турскиот состав Мерсин, а четири сезони во француското првенство, во Валенс хандбал (2015-2017) и во Истр (2017-2019). Тој со црногорската репрезентација во јануари годинава настапи на Европското првенство во Австрија, Норвешка и во Шведска.