Во 1-то коло на групата А играат Јуниор КВ – Пролет, Астраион – Радовиш и Голден Арт КЛ7 – Охрид (Струга е слободна), а во групата Б Металург – Еурофарм Пелистер 2, Работнички – Бутел и Младост -Тиквеш (Прилеп е слободен). По три првопласирани екипи од секоја група ќе играат во плејофот
РАКОМЕТ – СУПЕРЛИГА
Македонските суперлигаши ги добија групите и ривалите за претстојната ракометна сезона во домашното првенство, кое ќе се игра по нов формат со 14 екипи поделени во две групи по седум тима, наместо досегашните 10 екипи во една група. Оваа промена и прошарувањето на Суперлигата се должи на прекинот на ланската сезона поради пандемијата на коронавирусот.
Ниту една екипа не испадна од Суперлигата, а најдобропласираните екипи во двете групи во Првата лига се пласираа во Суперлигата (Астраион, Младост Богданци, Голден Арт КЛ7 и Прилеп). Според полудиригираната ждрепка, во која екипите беа поделени во седум барабани во согласност со актуелниот рејтинг, Металург и Охрид ја имаа улогата на носители, па така во групата А ќе бидат Струга, Јуниор Кисела Вода, Астраион, Голден Арт КЛ7, Охрид, Радовиш и Пролет, а во групата Б ќе играат Прилеп, Металург, Работнички, Младост, Тиквеш, Бутел и Еурофарм Пелистер 2.
Трите најдобропласирани екипи од двете групи ќе се пласираат во плејофот, каде што ќе им се приклучат Вардар и Еурофарм Пелистер. Преостанатите екипи ќе разигруваат за опстанок во лигата, при што само најдобрата екипа од плејаут-лигата ќе има загарантиран опстанок во елитното друштво, а второпласираната екипа ќе игра бараж-дуел со првопласираниот од Првата лига за место во елитата. За разлика од претходно, во плејаут-фазата нема да се пренесуваат бодови туку разигрувањето го почнуваат од нула, исто како и во плејофот. Почетокот на сезоната е предвиден за 12 септември.