Марковски ќе биде тренер во наредните две и пол години, како дел од долгорочниот проект за силен Металург, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска
РАКОМЕТ
Поранешниот македонски репрезентативец Иван Марковски е новиот тренер на ракометарите на Металург.
– Иван Марковски седнува на тренерското столче на Металург и ќе продолжи да работи со тимот во наредните две и пол години, како дел од еден долгорочен проект за силен Металург. Покрај Марковски, стручниот штаб го засилува и кондицискиот тренер Златко Јанакиевски – изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.
Тренерската кариера Марковски ја почна со формирање на младинската екипа на Еурофарм Работник, заедно со Александар Зарков, од каде што се пресели во редовите на женскиот француски второлигаш Авесноа.
– Голем беше предизвикот за преземање на Металург. Сметам дека за мене тоа е чекор напред во кариерата. Металург е голем клуб, кој заслужува повеќе од моментната ситуација во која се наоѓа, резултатски. Се надевам дека заедничката амбиција што ја имаме со менаџментот на клубот, а тоа се пласман до третата позиција во плејофот и излез во Европа, со заедничка работа ќе ја оствариме. Верувам во себе и во екипата и мислам дека само со максимална работа и професионален пристап можеме до поставените цели. Договорот со Металург е долгорочен и со визија, затоа ќе одиме чекор по чекор, клубот да се врати каде што му местото, во самиот врв на македонскиот ракомет – изјави Марковски.
Како играч, Марковски беше дел од екипите на Пелистер, Вардар, Металург, Метковиќ Џамбо, Загреб, Џенерали Трст, Арагон.