Македонија неочекувано ремизира со Италија, 27-27, по што без разлика на дуелот синоќа со Швајцарија, мечот утре со Украина е клучен за пласман во полуфиналето
на шампионатот на ЕХФ, дивизија Б
Машката јуниорска ракометна репрезентација на Македонијa во вторникот не успеа да стигне до втората победа на ЕХФ-шампионатот, дивизија Б, во Скопје. По убедливата победа над Велика Британија (32-15), избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа лоша партија против Италија, ремизирајќи 27-27.
Селекцијата на Италија ја извади Македонија од комфорната зона и ѝ го отежна патот кон полуфиналето на турнирот. Во другите два меча од групната фаза, синоќешниот со Швајцарија и утрешниот (18 часот) со Украина, Македонија ќе мора да забележи најмалку една победа за да остане во трката за пласман во полуфиналето.
– Натпреварот со Италија треба да нѐ разбуди. Не сум задоволен со резултатот, но ако се земе предвид дека на десет минути до крајот бевме на минус три и бевме на работ на амбисот, тогаш мора да сме задоволни со овој еден бод. Не смееме да дозволиме ова лошо издание да ни ја разниша самодовербата. Ништо не е загубено, клучните натпревари се пред нас – изјави Брестовац.
Меѓу другото тој забележа дека една од главните причини за лошата игра на македонскиот состав беше емоционалната игра.
– Игравме со многу емоции, а тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме. Кога се игра со емоции те води страста, а не разумот, и тогаш се прават многу грешки како резултат на паничните реакции. Од друга страна, пак, добро е што има нервоза и страст, бидејќи играчите со тоа покажуваат дека не им е сеедно и дека сакаат да победуваат – рече селекторот.
По трите кола во групата Б, Македонија има три бода, и е на третото место на табелата зад Швајцарија и зад Украина, кои имаат по четири. Во групата А на првото место на табелата е Белорусија со максимални шест бода од трите победи, втора е Естонија со четири бода.