Металург ги продолжува подготовките во комплетен состав откако тренерот Зоран Кастратовиќ од денеска ги има на располагање и петте засилувања кои пристигнаа од странство.
За новата сезона, Металург своите редови ги засили со српскиот лев бек Момир Рниќ, неговиот сонародник, десниот бек Никола Потиќ, црногорскиот репрезентативен пикер Бранко Канкараш, централниот бек на репрезентацијата на БиХ, Марко Тарабокија, и со хрватскиот репрезентативец, десното крило Златко Хорват.
Во оваа фаза од подготовките металурзите тренираат во групи до петмина, како што предвидува протоколот за тренирање во сала, кој го подготви Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Металург ќе тренира во Скопје до 30 јули, а потоа ќе замине за Маврово, каде што до 11 август ќе работи на техничко-тактичка подготовка на екипата. Утрешниот попладневен тренинг Металург ќе го одржи на фудбалското игралиште во Автокоманда.