ПЦР-тестирање ќе се врши секој втор ден, најави ЕХФ
РАКОМЕТ
На претстојното Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи, кое треба да се игра во Унгарија и во Словачка в година (13-30 јануари), а на кое ќе настапи и македонската репрезентација, ќе можат да учествуваат само ракометари што или биле двапати вакцинирани или веќе го прележале ковид-19, одлучи Европската ракометна федерација (ЕХФ). Според Европската куќа на ракометот, задолжителното ПЦР-тестирање на ова континентално првенство ќе се врши секој втор ден.
– Доколку се открие случај на инфекција, луѓето што биле во близок контакт со позитивното лице нема да бидат прогласени за блиски контакти, па по негативниот тест ќе можат да продолжат со натпреварувањето – изјави генералниот секретар на ЕХФ, Австриецот Мартин Хауслајтнер.
„Концептот на балон“, нема да биде воведен на ЕП 2022 за мажи, па на селекциите ќе им биде дозволено да го напуштат хотелот, пишува ЕХФ на својата интернет-страница. Во исто време, хигиенскиот концепт силно препорачува сите вклучени во турнирот да ги ограничат своите контакти и движења колку што е можно повеќе, а ги вклучува и барањата за тоа каде мора да се носат маски за лице. Хигиенскиот концепт се однесува и на сите делегати и службени лица номинирани од ЕХФ.
Во првата фаза од натпреварувањето, на кое ќе настапат вкупно 24 репрезентации, Македонија е во силната група А, во која во унгарскиот град Дебрецин силите ќе ги одмери со селекциите на Словенија (13 јануари), Црна Гора (15 јануари) и со светскиот првак Данска (17 јануари). На ова ЕП првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе ги продолжат натпреварите во следната групна фаза.