Нема да биде лесно, оти тие се врвна екипа, но ние веќе неколкупати покажавме дека можеме да играме против фаворитите, вели крилото на Загреб, Златко Хорват
Ракометарите на македонскиот првак Вардар, предводени од тренерот Роберто Парондо, вечерва (20.30 ч.) во арената „Загреб“ ќе го одиграат првиот осминафинален натпревар во годинешната Лига на шампионите (ЛШ), против дваесет и седумкратниот првак на Хрватска и двоен европски првак (1992, 1993), Загреб (дуел што е прогласен од ЕХФ за меч на неделата), додека реваншот е на 30 март во Скопје. Во групната фаза во групата А, црвено-црните завршија на третата позиција, додека пак Загреб, предводен од словенечкиот тренер Бранко Тамше, беше шести во групата Б.
Поуспешниот од овој двомеч во четврт-финалето ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот помеѓу унгарски Сегед и полски Висла. Судиската правда во Загреб ќе ја делат Германците Ларс Гејпел и Маркус Хелбиг.
– Сигурно дека Вардар е екипа што повторно претендира за влез на завршниот фајналфор-турнир, но и ние не сакаме да застанеме само до осминафиналето. И во двата натпревара ќе дадеме сѐ од себе во обидот да го поминеме Вардар. Нема да биде лесно, оти тие се врвна екипа, но ние веќе покажавме неколкупати дека можеме да играме против фаворитите – рече во пресрет на првиот меч за тамошните медиуми капитенот на Загреб, десното крило Златко Хорват.
Вардар и Загреб досега во ЛШ се сретнале осум пати, а поуспешни се Хрватите со четири победи, три порази и еден нерешен резултат. Но во последните две сезони, четири пати ги одмериле силите, а скопјани славеле трипати.
Како и Вардар (нема да настапи Сергеј Горбок и Владо Неданоски, Вуко Борозан, не е подготвен за цел меч), и Хрватите се соочуваат со нецелосно санирани играчи, но сигурно е дека нема да настапат голманот Аријан Јовиќ и пикерот Леон Сушња.
Во годинешнава ЛШ, Загреб во групната фаза освои 11 бода (четири победи, три ремија и седум порази) и со дадени 359 гола е најнеефикасниот клуб (во просек по 25,6 по меч), а со примени 388 гола, пак, ја има третата најдобра одбрана (27,7).
Вардар, пак, е деветти по ефикасност, со 406 гола (29), а со примени 390 гола е петти (27,8). Загреб има само пет интернационалци (три Словенци и по еден Србин, Босанец и Црногорец), а најефикасен е Златко Хорват, кој оваа фаза ја заврши како е петти стрелец во ЛШ (73), додека кај вардарци прв стрелец е десниот бек Данаис Кристопанс, кој групната фаза ја заврши како 15-ти (61).
Осминафинални двојки
Загреб – Вардар денеска (20.30 ч.)
Мешков – Фленс. денеска (18)
Мотор – Киелце денеска (17.30)
Висла – Сегед утре (16)
Спортинг – Веспрем утре (18)
Левен – Нант 34-32