Ракометарите на Загреб си обезбедија место во неделното финале со Вардар на завршниот фајнал – фор турнир во Регионалната Сеха лига откако во вечерашниот полуфинален меч го совладаа словенечкиот првак Целје со 29-28 (14-11).
Слично како и Вардар Загреб во поголем дел од мечот ја имаше играта во свои раце, додека, пак, Словенците сè потешко доаѓаа во ситуација за погодок.
Со влегувањето на Домен Макуц во игра, Целје во втората половина од второто полувреме доби на брзина и свежина во нападот така што успеа да ја анулира предноста на Загреб на само еден гол разлика на една минута до крајот, за конечни 29-28 за Загреб.
За Загреб ова е седмо учество во фајнал форот, и само второ финале во Регионалната лига додека, пак, Целје е дебитант на седмата завршица во Сеха лигата.
Најефикасен во составот на Загреб беше Домагој Павловиќ со шест реализации од исто толку обиди, додека, пак, кај Целје шест реализации имаше Борут Мачковчек.
Во недела во малото финале за трето место (17.45 ч.) ќе играат Мешков Брест и Целје, а во големото финале во 20.15 часот по втор пат во завршниците ќе се сретнат Загреб и Вардар.