Во рамките на 26-тото коло од ракометната женска супер лига ракометарките на Куманово синоќа на домашен терен загубија од екипата на Металург со 23:27 (12:14) со што го доживеаја и десетиот пораз во првенството
Ракометарките на Куманово на синоќешниот натпревар иако во улога на домаќинки пред натпреварот важеа за мал фаворит сепак тие беа поразени од синоќа подобрата екипа на Металург која на крајот во Куманово сосема заслужено славеше со 23:27. Иако синоќешниот натпревар помина во речиси изедначена игра од обете екипи гостинската екипа на Металург беше таа која што умешно и мудро ја контролираше играта и резултатот и беше помотивирана, па на крајот сосема заслужено стигна до својата осумнаесета суперлигашка победа со која што уште повеќе се зацврсти на втората позиција на табелата. Oд друга страна, ракометарките на Куманово и покрај поразот не се посрамотија и одиграа добро во рамките на своите моментални можности и својот квалитет со кој што оваа сезона заслужуваат да се најдат најмалку на четвртото место на табелата.
Најефикасни ракометарки на натпреварот кај Куманово беа Александра Боризовска со 8 и Јована Кипријановска со 5 гола додека пак во победничката екипа на Металург, Јана Калајџиевска со 9 и Пена Граматикова и Марија Гајич со по 5 постигнати голови.
Во наредното коло екипата на Куманово на гостински терен се среќава со екипата на ЖРК Гевгелија.
Т.Д