Ракометарките на Куманово синоќа и во вториот натпревар од третото коло од европскиот Челинџ куп за жени загубија од холандската екипа Геониус, овој пат со 21:31 (10:16) со што со два порази го завршија овогодинешното меѓународно учество во европските натпреварувања.

И на овој натпревар исто како и на првиот гостинските ракометарки од Холандија кои овој пат беа во улога на домаќинки беа доминантни и супериорни во текот на целиот натпревар и беа во постојана висока резултатска предност, па на крајот сосема заслужено стигнаа и до втората победа, во овој се чини нерамноправен двомеч во кој што квалитетот меѓу екипите целосно беше на страната на гостинските ракометарки на екипата на Геониус. Што се однесува пак до домашните ракометарки на Куманово единствен бенефит за нив од овие два натпревари е што ќе бидат побогати за уште едно меѓународно ракометно искуство, кое што во иднина многу ќе им користи на и онака младите и неискусни ракометарки. Тие на овие два натпревари почуствуваа што значи да се игра против посилни и поквалитетни и поорганизирани екипи со многу поголеми финансиски буџети, но секако и најважното чуство колку во моментот нашиот женски клубски ракомет е далеку од европскиот. Било како било, ваквите поразителни настапи на нашите екипи во меѓународните напреварувања стават до знаење дека е крајно време кај нас да се променат начинот и стратегијата на работа во нашиот женски клубски ракомет ако сакаме барем малку да се доближиме до оној ракомет кој во моментот се игра во поголемиот дел од Eвропа.

На овој втор натпревар кај домашната екипа на Куманово најефикасни ракометарки на натпреварот беа Ана Сарановиќ со 5 и Александра Боризовска и Сања Дабевска со по 4 гола, додека пак кај победничката екипа на Геониус од Холандија, КелиКолен со 5 и Росане Биџерс, Ане Акампо и Верона Питерс со по 4 постигнати голови.

Т.Д.