Со оглед на тоа што ситуацијата со коронавирусот низ Европа не се смирува, Европската ракометна федерација (ЕХФ), во пресрет на осминафиналните дуели од Лигата на шампионите (ЛШ), истакнува дека за нив е најважно здравјето на играчите, тренерите, службените лица и навивачите, па со оглед на тоа остануваат во близок контакт со релевантните национални и меѓународни власти, како и со клубовите и со федерациите, за собирање информации за процесот на одлучување.
Во Словенија и во Данска викендов се играа првите меѓународни мечеви во празни сали. Според календарот на ЕХФ, во мај се предвидени завршните турнири во ЛШ за жени во Будимпешта, Унгарија (9-10 мај), завршниот турнир во Купот на ЕХФ во Берлин, Германија (23-24 мај) и фајналфорот во ЛШ за мажи во Келн, Германија (30-31 мај). ЕХФ продолжува да ја следи состојбата поврзана со коронавирусот и е подготвена да реагира веднаш во согласност со упатствата на надлежните органи доколку се промени процената на ризикот.