РАКОМЕТ
По континуираната и внимателна анализа на глобалната здравствена состојба со пандемијата на коронавирусот, Европската ракометна федерација (ЕХФ) соопшти дека го откажува завршниот фајналфор-турнир од Лигата на шампионите (ЛШ) во женска конкуренција, нагласувајќи дека најголем приоритет се здравјето и безбедноста на тимовите и на играчите, пишува на интернет-страницата на ЕХФ. Турнирот требаше да се одржи од 3 до 6 септември во Будимпешта.
– Бевме во постојан контакт во Унгарската ракометна федерација, која редовно нѐ известуваше за ограничувањата и за мерките, кои се во сила во Унгарија, како и за меѓународните патувања и организацијата на големите настани. Уште пред неколку месеци ЕХФ зазеде став дека мечевите ќе се играат само ако се обезбеди безбедно опкружување за сите инволвирани. Тука мора да се додаде дека организацијата на завршен турнир бара многу поголеми подготовка на сите нивоа во споредба со еден меч во ЛШ, а уште постои неизвесност во однос на играње на пред гледачи.
Продолжуваме да ги следиме принципите на информативна транспарентност и максимална сигурност при планирањето на настаните – рече претседателот на ЕХФ Михаел Видерер.
Оваа одлука нема да влијае на почетокот на сезоната 2020/2021 во ЛШ за жени, па првото коло е предвидено за 12 и 13 септември.