РАКОМЕТ – АКО СЕ ИГРА БЕЗ ПУБЛИКА

Поради можноста ЕП 2020 да се игра без публика, ЕХФ и домаќините размислуваат мечевите да се играат само во два града, по еден во Данска и во Норвешка
Несмаленото темпо на ширење на пандемијата на коронавирусот, ги принуди Европската ракометна федерација (ЕХФ) и домаќините на Европското првенство (ЕП) за жени, Данска и Норвешка, да размислуваат за промени во однос на градовите предвидени за домаќини на мечевите.

Според првичниот план, ЕП 2020, кое треба да се игра од 3 до 20 декември годинава, требаше да се игра во Хернинг и во Фредериксхавн, во Данска, како и во Трондхајм, Ставангер и во Осло, во Норвешка.
Но поради можноста истото тоа да се игра без публика, ЕХФ и домаќините размислуваат мечевите да се играат само во два града, односно мечевите во групите А и Б-групите да се играат во еден град во Данска и дуелите во другите две групи во еден од град во Норвешка.

– Вакво би било сценариото за крајно вонредна ситуација, но, сепак, конечната одлука ќе ја донесеме до крајот на август, зависно од препораките на Светската здравствена организација. Мала е веројатноста дека ЕП ќе биде одложено, но мора да бидеме подготвени на сѐ – изјави генералниот секретар на Ракометната федерација на Норвешка, Ерик Лангеруд.
На 14-то ЕП треба да настапат Франција, Данска, Црна Гора, Словенија (во групата А), Русија, Шведска, Шпанија, Чешка (група Б), Холандија, Унгарија, Србија, Хрватска (група Ц), Норвешка, Романија, Германија и Полска (група Д).

Титулата треба да ја брани Франција, која победи на ЕП 2018 што се играше во таа земја. За Франција тоа е прва континентална титула. На ЕП 2020 треба да играат и другите досегашни прваци, Норвешка (седум титули), Данска (три), Унгарија и Црна Гора (по една).