Нашите плати ќе бидат намалени за 50 отсто во текот на целата следна сезона, а беа намалени и во последните четири месеци од минатата сезона. Ситуацијата е тешка, но мора да ја прифатиме, вели голманот на Кил, Никлас Ландин, најдобриот светски ракометар за 2019 година
Влијанието и последиците од пандемијата на коронавирусот во германската ракометна Бундес-лига почнаа секојдневно да излегуваат на површина. Започнаа со откажување на екипите од учество во натпреварувањата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Лигата на Европа и Купот на ЕХФ, продолжија со кратење на платите на ракометарите, а има и такви клубови што размислуваат за банкрот.
Една од главните причини за намалување на буџетите на германските тимови е отсуството на публика на трибините, што следува како една од мерките за превенција и спречување на ширењето на коронавирусот.
Во интервју за данскиот весник „Јуланд Постен“, најдобриот светски ракометар за 2019 година, голманот на Кил, Никлас Ландин, откри дека германскиот првак е еден од најпогодените од корона-кризата во Бундес-лигата.
– Нашите плати ќе бидат намалени за 50 отсто во текот на целата следна сезона, а беа намалени и во последните четири месеци од минатата сезона. Ситуацијата е тешка, но мора да ја прифатиме. Никој не е задоволен што ќе загуби половина од платата. Нашиот клуб е сериозно погоден од корона-кризата, бидејќи голем дел од нашиот буџет се полнеше токму од приходите од влезниците. Морам да кажам дека во клубот се размислува и за најцрно сценарио, но јас верувам дека работите ќе станат подобри како што ќе одминува сезоната – вели Ландин во интервјуто.
Дека ситуацијата во Бундес-лигата и во Кил е сериозна, потврди и директорот на клубот и поранешен ракометар на „зебрите“, Виктор Шилаги, кој за германските медиуми изрази загриженост за реализацијата на натпреварувањата во новата сезона, истакнувајќи дека ќе биде тешко Лигата на шампионите (ЛШ) да почне според предвидениот термин, кон средината на септември.
– Не сум сигурен дека ЛШ ќе започне во предвидениот датум во септември, со оглед на епидемиолошката ситуација во Европа. Многу е важно да се следат мерките на внимателност што се назначени како клучни за применување. Се разбира дека ние нема да ги изложуваме нашите членови на никаква опасност и нема да се упатиме кон некоја земја што е потенцијална опасност за здравјето на членовите на клубот – истакна Шилаги.
Тоа значи дека ЕХФ ќе мора сериозно да размисли пред почетокот на сезоната. Доколку се остварат најавите за зголемување на бројот на заболени, ако границите останат затворени и мерките почнат да се засилуваат, тогаш навистина ќе биде тешко да се игра во новата сезона.
– Разговаравме со двајца администратори за стечај во законските опции. Притоа сакаме да бидат исплатени сите професионалци за потоа да не бидеме виновни. Исто така размислувавме и да не аплицираме за лиценца и повеќе да не се натпреваруваме во Бундес-лигата, туку наместо тоа, како пред 16 години, да почнеме вторпат од нула да го градиме тимот – истакна извршниот директор на Фуксе Берлин, Боб Ханинг во интервју за германското списание „Фокус“.