РАКОМЕТ – ЛОИ

Машката и женската ракометна репрезентација доминираа на ЛОИ во Токио. Мажите ја одбранија титулата и се рекордери според бројот на освоени медали на ЛОИ, откако во реприза на финалето од ЛОИ во Рио во 2016 година ѝ се реваншираа на Данска за тогашниот пораз со 25-23. Со триумфот над Данска, Франција ја освои третата олимписка круна на последните четири ЛОИ и застана на врвот на вечната листа медалисти со пет медали, од кои три златни. Трофејна олимписка историја триколорите ја започна со бронза во Барселона 1992, а потоа следуваа златните медали во Пекинг 2008 и Лондон 2012, среброто во Рио 2016 и сега златото во Токио. Зад Франција е поранешниот СССР, со четири медали, од кои два златни и по еден сребрен и бронзен, а трета е Хрватска, со два златни и еден бронзен.
Французинките, пак, за првпат го освоија златниот медал на едни ЛОИ, откако во репризата на финалето од Рио 2016 го надиграа актуелниот олимписки првак Русија, со 30-25. Со триумфот во Токио, Франција се запиша на вечната листа, како седма земја што стигнала до титулата олимписки првак. Бронзата ѝ припадна на Норвешка, која ја декласира Шведска, со 36-19.