Фото: Маја Јаневска-Илиева

 РАКОМЕТ

Централниот бек на Металург, Србинот Стефан Додиќ (17), се најде на седумчлената листа на млади таленти што ги селектираше Европската ракометна федерација (ЕХФ) во пресрет на репрезентативната недела и почетокот на Светското првенство во Египет, кои би требало да блеснат на европската ракометна сцена во следните години.

Додиќ со 15 години и седум месеци стана најмладиот стрелец во Лигата на шампионите, на дуелот со Чеховски медведи. Својата вистинска шанса за игра и афирмација ја доби сезонава во седумте мечеви од Лигата на Европа во кои постигна 13 гола, а како плод на таа игра се најде и на скратениот список на селекторот на Србија за дуелите со Франција и со Австрија.

Покрај Додиќ, на листата се и Швеѓанецот Оскар Сунефелт (22, лев бек Кил), словенечкиот плејмејкер Домен Макуц (20, Барселона), германскиот лев бек Јури Кнор (20, Барселона од следната сезона во Левен), данскиот голман Емил Нилсен (23, Нант), данскиот лев и централен бек Николај Лесо (24) и француското десно крило Јанис Лане (24, Монпелје).