Во однос на минатата сезона, сега меѓу 14-те најдобри се Динамо, Порто (двата со најголем успех досега во ЛШ), Целје, Алборг, Монпелје и Кил
Романскиот првак Динамо од Букурешт и португалскиот првак Порто се годинашното освежување во ракометната Лига на шампионите (ЛШ). Пласманот во осминафиналната фаза и за двата тима е најголемо достигнување во нивната клупска историја.
По неколкугодишна пауза, пласман во осминафиналето обезбедија и словенечкиот првак Целје, данскиот шампион Алборг и полскиот вицепрвак Висла, а спектакуларно враќање во ЛШ, со директен пласман во четврт-финалето, оствари германскиот вицепрвак Кил, кој минатата сезона не успеа да обезбеди место во ракометната елита.
Меѓу стандардните осминафиналисти од последните три сезони што годинава не се изборија за место меѓу најдобрите 14 се белорускиот првак Мешков и хрватскиот шампион Загреб. Во однос на минатата сезона, сега меѓу 14-те најдобри се Динамо, Порто, Целје, Алборг, Монпелје и Кил, а преостанатите играа и во минатата сезона (Вардар, Барселона, ПСЖ, Веспрем, Фленсбург, Киелце, Висла и Сегед). Шест сезони по ред во нокаут-фазата на ЛШ се Вардар, Барселона, Веспрем, Фленсбург, Киелце, Сегед и ПСЖ.
Шпанскиот првак Барселона втора сезона по ред го има најдобриот напад, сега со просек од 34,5 гола по натпревар. Втор е нападот на Веспрем со ефект од 32 гола по меч, а трет најдобар напад со просек од 31,7 гол има францускиот ПСЖ. Пропорционално на ефикасноста на нападот се движи и ефикасноста на бековските линии на тимовите. Шпанците ја имаат и најефикасната бековска линија во елитното натпреварување, со ефект од 245 гола, втора по ефект е бековската линија на ПСЖ, со 238 гола, а трет е Веспрем, со 235 гола.
ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ
Вардар – Сегед
Динамо – ПСЖ
Висла – Веспрем
Целје – Киелце
Порто – Алборг
Флеснбург – Монпелје
првите мечеви и реваншите се играат од 18 до 29 март
директно во четврт-финалето се Барселона и Кил