Ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров по победата вечерва над Мешков во полуфиналето на СЕХА лигата со 25-23, изјави дека очекувал тежок натпревар, но на крајот најважна е победата и пласманот во финалето на регионалното натпреварување.
Според него, вардарци докажале дека имаат тимски карактер и тимски дух.
– Се надевавме дека ќе дојдеме до финалето. Знаевме дека ќе биде тешко бидејќи секогаш е тешко против тим кој игра на домашен терен на ваков турнир. Среќни сме и треба да одмориме после овој натпревар. Има време за подготовка. Не се потрошивме многу. Беше тешко на психолошки план бидејќи цела сала беше против нас. Најважно и драгоцено за нас е што успеавме во еден ваков меч да победиме. Докажавме дека имаме тимски карактер и тимски дух, кој е нашиот најголем адут – изјави Дибиров, цитиран од сајтот на тимот.
Утрешен ривал на Вардар во финалето е тимот на ППД Загреб. Дуелот почнува до 19 часот.