Спортувањето носи најголеми придобивки кај децата, почнувајќи од физичкото и од психолошкото здравје, сѐ до социјалниот аспект од животот. Спортот како телесна активност дополнително стимулативно помага во тактичкиот раст и развој. Спортот претставува воспитно-социјална активност, која има улога во растот и во подготовката на личноста за одговорна возрасна личност. Влијае на поттикнување на социјалното однесување, успехот во училиште, јакнење на карактерот, самопочитување и самодоверба, усвојување морални вредности, навики за здраво живеење. Преку тимскиот спорт се учат тимска работа, делење, самодисциплина, лидерство, толеранција, совладување проблем-ситуација, работни навики, вештини за комуникација, раководење и соработка, пријателство, преземање одговорност и обврска, несебичност, работна навика, спортско однесување, фер плеј, спортски карактер, одговорност за преземање ризик, зголемена концентрација и внимание, залагање, истрајност, емпатичност, почит на другите, развој на вештини за користење на личните капацитети, ментално резонирање и одлучување, контрола на надворешните провокации и стрес.

Исто како правилната и здрава исхрана, физичката активност е еднакво важна за развојот и за здравјето на децата. Практикувањето на кој било спорт или физичка активност е есенцијално за нивното подобро и правилно растење и развивање. Здравствените придобивки од спортовите, како кај возрасните така и кај децата, се огромни и оттука од голема предност е да се почне со физичка активност уште на рана училишна возраст.

Секое дете има сопствени карактеристики и склоности, кои се препознаваат од најрана возраст. Раното откривање на спортскиот потенцијал е појдовна основа за тоа како детето понатаму ќе се развива на спортски професионален план.
Секој од индивидуалните или од тимските спортови различно влијае на физичкиот (телесниот) и на менталниот развој – агилност и брзи реакции, развој на респираторниот систем, мускулен систем, моторни движења и кардиоваскуларен систем, нервен систем, циркулација, контрола над телесната тежина, флексибилност и еластичност, учење, дисциплина, исполнување цели, самодоверба, смиреност, почит кон себе и кон другите, намалување агресија и зголемено ниво на толеранција со рационализација.

Почитување авторитет, координација око – око, координација око – рака, брзина, сила, издржливост, координација, издржливост, рамнотежа визуализација, перцепција, его-перцепција, слика за себе, кој сум јас и кој сакам да бидам, ментален тренинг, сензорен развој, развој на фината и на грубата моторика, прифаќање пораз, соочување со успех и со неуспех, надминување на анксиозноста, срамежливоста.
Развојот значи процес на промена, која настанува како резултат на почитување на индивидуалните карактеристики на детето, следење на неговите внатрешни сили, природниот развој и вештините за движење, размислување, чувствување, зборување. Целта е поттикнување моторички, когнитивни, конативни, јазични, специјални вештини, социјално и емоционално созревање, снаоѓање во проблем-ситуации.
Секое дете поради својата различност, на различна возраст може да почне со спорт, најважно е да се следи индивидуалниот ритам на детето, да се направи индивидуален пристап кон него во тројна координација тренер – доктор – психолог. Сепак 6-та година е оптимално време за почнување со активна физичка ориентација.

Марија Миркуловска консултант-психолог


Социјални придобивки од спортување кај децата

– тимски дух
– почит на авторитет
– почит кон врсниците
– поголема самодоверба
– полесна адаптабилност на различни средини
– подобра концентрација, организација, дисциплинираност


Здравствени придобивки од спортување кај децата

– здрави и цврсти мускули и коски
– помала веројатност за прекумерна тежина и искривување на ’рбетот
– намалување на ризикот од заболување од дијабетес – тип 2
– одржување нормален крвен притисок и холестерол во крвта


Што добиваат родителите

– се вклучуваат во животот на детето
– нивните децата се забавуваат, активни се, здрави и среќни
– во секој момент знаат каде им се децата
– на сигурно и безбедни
– во спортот децата секогаш имаат повисок мотив за постигнување и за стекнување спортска култура, навики и спортска социјализација
– спортот е превенција од асоцијалните појави


Колку спортување е доволно за децата?

Проблемот со неактивноста и постојаното седење е секојдневен проблем кај децата на предучилишна и на училишна возраст. Имено, физичката активност и спортувањето се важни токму за тие да растат и да се развиваат правилно за во иднина да немаат проблеми со прекумерна тежина, искривувања на ’рбетот, како и за зголемувањето на флексибилноста на телото и зајакнување на коските и на мускулите.


Помогнете му на вашето дете да го одбере вистинскиот спорт

Во зависност од сопствените интереси, карактер и можности, секое дете може да се пронајде во различен спорт или во спортска активност. Она што е важно е да му помогнете на вашето дете полесно да го направи тоа, наедно без да го притискате да се насочи кон одреден спорт за кој сметате дека би му прилегал. Децата понекогаш пробуваат и по неколку различни спорта, сѐ додека не го најдат оној вистинскиот што целосно ќе ги исполни со радост и ќе ги мотивира да напредуваат и да се надградуваат секојдневно. Затоа бидете трпеливи и охрабрете го вашето дете да го одбере спортот што со задоволство ќе го практикува и што ќе направи да се чувствува исполнето.