Актуелниот светски првак во финалето во неизвесен меч ја совлада Шведска со 26-24, што претставува негов втор златен медал од ваквите натпреварувања

ЗАВРШИ СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ

Ракометната репрезентација на Данска ја одбрани титулата светски првак по победата над Шведска со 26-24 во финалето на Светското првенство (СП) во Египет. Со овој триумф Данска влезе во малото друштво на репрезентации на кои им успеало едноподруго да бидат на врвот на светскиот трон. Прва меѓу нив е Шведска, која беше светски првак во 1954 и во 1958, додека, пак, по двапати тоа им успеа на Романија (1961-1964 и 1970-1974) и на Франција (2009-2011 и 2015-2017).
Финалето на 27-от Мундијал претставуваше судир на две скандинавски ракометни школи во кои доминираа брзината, агилноста и цврстината, а централната улога ја имаа двајцата голмани, Данецот Никлас Ландин и Швеѓанецот Андреас Паличка.
Селекцијата на Шведска на почетокот на СП беше отпишана поради отсуството на дури деветмина стандардни репрезентативци, но сепак одигра одличен турнир. Новите имиња во репрезентацијата желни за докажување ги надминаа квалитетите на своите поискусни колеги, кои поради ковид-19 одлучија да не бидат дел од националниот тим, и успеаја да стигнат до финалето, а малку недостигаше и да го освојат.
И Данска беше десеткувана во пресрет на СП, исто така без деветмина стандардни репрезентативци, но предводена од искусните Микел Хансен, Николај Нилсен, Менсах Ларсен и Никлас Ландин, дополнети со свежата крв на новите Матијас Гидсел, Јакоб Холм и Магнус Сагуструп беше одлична целина, која со перфектна техника, борбеност и несебичност, доминираше на терените во Египет и со тоа ја одбрани титулата светски првак.

Данска зад себе има 46 настапи на големи натпреварувања (25 на СП, 13 на ЕП и осум на ЛОИ), од кои 10 пати играла во финалето. Нивната доминација на големите натпреварувања започнува од ЕП 2002 па наваму, од кога и континуирано учествуваат во финалните натпревари за медали. За Данска ова беше втор златен медал од СП, а петти од големите натпреварувања. Таа е актуелен олимписки првак од ЛОИ во Рио 2016 и двократен европски првак од ЕП 2008 и 2012. Од СП има уште четири сребрени и еден бронзен медал, а од ЕП едно сребро и три бронзи.
Освен Микел Хансен, дел од идеалната постава на СП во Египет беа: Швеѓаните Андреас Паличка (голман), Хампус Ване (лево крило) и Џим Годфридсон (центар), Данецот Матијас Гидсел (десен бек), Шпанецот Феран Соле (десно крило) и Французинот Лудовик Фабрегаз (пикер). Најдобар стрелец на Мундијалот e Катарецот Франкис Марзо, со 58 гола.


Четврта МВП-титула за Хансен

Данскиот лев бек Микел Хансен вторпат во низа, а трет пат вкупно е прогласен за најкорисен играч (МВП) на Мундијалите, што го прави ракометар со најмногу МВП-титули. По две вакви признанија имаат Французинот Никола Карабатиќ (2011 и 2017), Хрватот Ивано Балиќ (2005 и 2007) и Швеѓанецот Стефан Ловгрен (1999 и 2001). Хансен беше МВП и на ЛОИ во Рио 2016 година. Покрај МВП-признанието, Хансен доби место и во идеалната седморка на СП во Египет како најдобар лев бек, што е шесто вакво признание за него од големите натпреварувања. Тој беше дел од идеалниот тим на СП 2011, на ЕП 2012, 2014 и 2018 и во идеалниот тим на ЛОИ во Рио 2016 година. Како резултат на својата одлична игра низ годините наназад, Хансен од ИХФ во три наврати (2011, 2015, 2018) беше прогласен за најдобар светски ракометар, а во 2016 и 2019 истото признание му го додели „Планет хендбал“. Единствен трофеј што му недостига во многубројната колекција е титула од Лигата на шампионите (ЛШ). Најдобар стрелец на СП во Египет е Катарецот Франкис Марзо со 58 гола.


Бах: ИХФ покажа како се организира голем настан во време на пандемија

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, со пофални зборови за организацијата на СП, на кој настапија 32 репрезентации.
– Сега, кога ракометното СП го достигна својот врв ѝ честитам на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ), за одличната организација. Неверојатно беше да се види како сјаеше ракометниот спорт овие денови и како се претставија спортистите и покрај кризата со ковид-19. ИХФ направи одличен систем со создавање меур од 3.000 луѓе, притоа користејќи современи методи на тестирање на спортисти и сите учесници. Таа даде пример за организација на голем спортски настан за време на оваа пандемија – истакна Бах, додавајќи дека ова за нив е охрабрување и драгоцено искуство за организација на ЛОИ во Токио годинава.


Јакобсен во друштво на великаните

По триумфот во Египет, селекторот на Данска, Николај Јакобсен, стана седмиот селектор што освоил две или повеќе СП. Поранешниот тренер на Левен ја одбрани титулата освоена во 2019 година со Данска. Пред него тоа им успеа на Швеѓаните Курт Вадмарк, неговиот сонародник Бенгт Јохансон, Романецот Николае Недеф, Русинот Владимир Максимов и Французите Даниел Константини и Клод Онеста. Лидер во оваа група е Недеф, кој има четири светски титули со Романија, Онеста има три со Франција, а преостанатите по две.


Мустафа: Ние успеавме!

Претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ), Хасан Мустафа, задоволен од организацијата на СП, им се заблагодари на сите инволвирани во организацијата.
– Ние успеавме! Сакам да му изразам особена благодарност на претседателот на Египет, Абдел Фатах ел Сиси, што ни посвети целосно внимание и спроведување на планот за медицинска претпазливост од ковид-19. Особено им благодарам на нашите ракометари, судиите, тренерите, официјалните лица, клубовите, националните и континенталните федерации што ја прифатија поканата за учество и беа дел од најголемиот светски ракометен настан – порача Мустафа.