Вардар и сезонава во ЛШ ќе игра со Монпелје, Веспрем, Киелце и со Мешков, а и во другата група се пет тима што играа меѓу себе и лани – ПСЖ, Фленсбург, Сегед, Загреб и Целје
Ждрепката одреди четири екипи од ланската сезона во фазата по групи да бидат исти ривали на актуелниот ракометен шампион Вардар во Лигата на шампионите (ЛШ) и во новата сезона, но во групата Б. Тоа се француски Монпелје, унгарски Веспрем, полски Киелце и белоруски Мешков. На местото на ланските Барселона и Левен сега се украински Мотор и португалски Порто, екипи против кои Вардар нема играно во ЛШ, откако се игра со фајналфор во Келн.
Оваа група, во која е и Кил, четири екипи триумфирале во Келн (Вардар, Кил, Монпелје и Киелце), се смета за посилна од групата А, каде што носител е француски ПСЖ, а во која, како и во минатата година се и Фленсбург, Сегед, Загреб и Цеље, но и Барселона, Алборг и Елверум. Со идните ривали во ЛШ црвено-црните одиграа вкупно 30 меча, најмногу со Киелце (осум), а најмалку со Мешков и со Кил (по четири). Притоа забележал вкупно 14 победи, 13 порази и три ремија.
Вториот македонски претставник и дебитант во ЛШ, битолски Еурофарм Работник е во групата Ц, заедно со шведски Савехоф, словачки Татран, фински Кокс, шпанска Бидасоа и португалски Спортинг. Вардар првиот дуел, како и лани, ќе го игра на гости против Монпелје (11-15 септември), а Еурофарм Работник (во истиот термин), дома против Спортинг.