Нацева првите ракометни чекори ги направи во тимот на Овче Поле во родниот град, а со екипата на Кометал Ѓорче Петров во 2002 година се искачи на европскиот Олимп. Таа не беше само одлична голманка, туку и лидерка што знаеше во вистински момент да ги обедини и мотивира ракометарките

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (185)

По осамостојувањето на нашата држава, ракометарките беа тие што го отворија патот на екипите и на репрезентативните селекции кон европскиот и светскиот врв. Прво македонската женска репрезентација беше седма во дебито на Светското првенство во 1997 година во Германија, а три години подоцна ракометарките на Кометал Ѓорче Петров стигнаа до своето прво европско финале, а во 2002 година девојките предводени од нивната капитенка Гордана Нацева се искачија на европскиот врв, што беше највисок дострел на една наша женска екипа. Потоа, со оглед на квалитетот со кој располагаа, и во следните три-четири години беа конкурентни на европската сцена, за кон крајот на првата декада од новиот век, губејќи го спонзорот, и тие полека да се загубат дури и од македонската сцена. Во оној силниот Кометал ЃП, во кој имаше ракометарки со висок рејтинг и светски глас, Нацева беше вистинската лидерка на екипата. Во најтешките моменти успеваше да ги мотивира ракометарките и да ги понесе кон триумф. Не беше битно дали во моментот е прва голманка. Тоа за неа беше најмалку значајно. Најбитно беше да е тука, со својот авторитет да ги обедини девојките, од кои повеќето беа дојдени од странство и сите си имаа свој менталитет и карактер. Така, практично Нацева му помагаше и на стручниот штаб полесно да бидат реализирани тактичките замисли за да се стигне до победата и да се зачекори напред на европската сцена.

ОД ПЛЕЈМЕЈКЕРКА ДО ГОЛМАНКА

Интересен беше патот, но не и изненадувачки, како Нацева стигна во ракометот. Велам не беше изненадувачки поради фактот што ракометот во Свети Николе на некој начин беше спорт број еден. Впрочем тука, покрај другите, никнаа и двајца врвни ракометари, браќата Лазарови, од кои едниот, Кире, стана вистински светски ас и голгетер на најголемите ракометни собири.
– Во основното училиште прво заиграв кошарка. Постојано бев со другарките на игралиштето, а често времето го поминував и под уличниот кош. За разлика од ракометот, каде што морав да имам и друштво, во кошарката можев и сама да тренирам и да се забавувам. Едноставно, шутирав на кошот, ги броев погодоците и промашувањата. Меѓутоа, хендикеп беше, а за мене можеби излезе и добро, што во Свети Николе немаше женска кошаркарска екипа. Поради тие причини не гледав перспектива во овој спорт, па затоа се преориентирав на ракометот – ја почнува својата приказна Гордана Нацева.

Кога дојде во ракометната екипа на Овче Поле, Нацева прво, исто како во кошарката, играше на позицијата плејмејкер. Адаптацијата на новиот спорт не ѝ претставуваше проблем, зашто таа талентот го имаше во себе, само требаше да се најде на вистинското место во спортот, кој полека стануваше нејзино секојдневие. А како се случи тоа од позицијата во која требаше да ги разигрува своите соиграчки да застане на голот внатре, осамена во шесте метри – без да има директен контакт со противничките?
– Пред почетокот на еден меч, тренерот (Перо) забележа дека не е дојдена нашата голманка. Немајќи друг избор, а познавајќи го мојот темперамент како ракометарка, која може да одговори на секоја позиција, ми рече да застанам на голот. Не се противев, застанав помеѓу стативите, за моја среќа одбранив неколку силни удари и веќе беше одредена мојата спортска судбина. Станав голманка и веќе никогаш не ја напуштив таа позиција. Во првите моменти, покрај тренерот, за полесно да се снајдам на оваа позиција многу ми помогна Бетунски, кој беше голман во машката екипа. Неговите совети ми беа од голема корист и така полека почнав да ја градам мојата голманска кариера – вели Нацева.

ПОЧЕТОК НА ВИСТИНСКАТА КАРИЕРА ВО НИШКИ ДИН

Нацева веднаш ги истакна своите квалитети, а не можеше да побегне и од очите на тренерите. И тие забележаа дека во тоа девојче се кријат големи потенцијали, па набрзо се најде во младинската репрезентација на Македонија.
– Во тоа време на ниво на поранешна Југославија имаше традиционален натпревар наречен Куп на републиките и покраините, кој се одржуваше во сите спортови. Бев пријатно изненадена кога од селекторот на македонската репрезентација добив покана да го бранам голот на овој куп. Тоа беа возбудливи моменти во мојата кариера, особено што веднаш бев забележана од југословенските стручњаци. А моето изненадување беше уште поголемо кога од екипата на ДИН од Ниш (тим на нишката тутунска индустрија), кој во тој период влезе во Првата југословенска лига, добив покана да заминам во нивната средина. Тоа беше еден решавачки момент во мојата кариера. Прво бев воздржана и по малку уплашена, зашто не знаев како ќе реагираат на мојата одлука родителите, особено што уште бев средношколка. Јас како девојче без поголемо животно искуство требаше да заминам во друг град, таму да продолжам со училиштето, а истовремено да некој начин да станам професионална ракометарка. Сето тоа малку збунувачки дејствуваше врз мене. Дилеми имаше многу, но на крајот, во договор со мојот татко, чиј збор беше последен во семејството – добив виза да заминам за Ниш и таму да ја продолжам мојата кариера, која беше на почетокот – продолжува Нацева.

Гордана замина, но сега ја мачеше мислата како ќе се снајде во новата средина. Дали ќе успее, да не ги разочара оние што во неа толку многу веруваа? Но благодарение на нејзината настојчивост и цврстиот карактер, дури и тогаш кога ѝ беше најтешко и се чувствуваше осамено во новата средина, никогаш не се предаваше. Напротив, тоа ја правеше уште посилна, што се манифестира и на теренот.
– Мислам дека дадов сѐ од себе и ги оправдав очекувањата на нишлиите. Тогаш почувствував дека ова практично беше мојот вистински спортски почеток. Уште бев средношколка (трети клас гимназија и 17 години), а веќе бев исправена пред голем предизвик. Бев решена да ја искористам шансата и како што во Свети Николе преку ТВ-екраните ги гледав и им се одушевував на југословенските ракометарки, тогаш предводени од Китиќ и од Пешиќ, посакував и јас еден ден да станам како нив. Мојот подем беше евидентен, а во оваа пригода мора да кажам дека заслуга за тоа имаше и репрезентативниот тренер Јошко Петковиќ, кој неколку години потоа, по моја иницијатива, дојде и работеше како тренер во Македонија – вели Нацева.

ДВЕ РАЗОЧАРУВАЊА

Но во спортот не е секогаш „мазно“ и не секогаш се остваруваат желбите. Тоа најубаво го почувствува и Гордана Нацева. Што беше причината за разочарувањето?
– Откако почнав да бранам за ДИН, редовно бев повикувана во младинската репрезентација на Југославија. Но кога требаше да се оди на Светското младинско првенство во Нигерија, од трите голманки што дотогаш се менувавме на голот, објективно најдобра беше Бранка Јовановиќ, а јас, иако многумина сметаа дека сум втора по квалитет, не знам поради кои причини бев изоставена и не заминав за Нигерија. Тоа за мене беше големо разочарување. Но тука не можеше никој да помогне, таква беше одлуката на селекторскиот тим – вели таа.
Овој момент, иако разочарувачки, не остави некоја поголема трага врз кариерата на Гордана Нацева.

– Имав мала криза, но и таа помина. Одбраните повторно го привлекоа вниманието на тренерите, сега на оние од сениорската репрезентација. И кога веќе забранив за националниот сениорски тим и кога се ближеше Олимпијадата во 1992 година, доаѓа до нов удар, овој пат се распадна поранешната држава, а со тоа пропаднаа и плановите за олимпискиот настап. Секој од членовите на тогашните југословенски селекции, не само во ракометот, туку и во другите спортови, се повлече во своите земји и почна да настапуваат под своето знаме. Ние, пак, уште не бевме вклучени во меѓународните спортски асоцијации, па, така, нашата земја на ОИ настапи само со неколку спортисти во поединечните спортови, и тоа не под своето, туку под олимпиското знаме како независни спортисти – вели Нацева.
Следната дестинација на Нацева беше Кометал Ѓорче Петров, екипа со која ја освои европската титула, а со македонската репрезентација стигна до 7-то место на дебитантскиот настап на Светското првенство во Германија. За тоа како течеше понатаму кариерата на Гордана Нацева ќе читате идната недела.


ГОРДАНА НАЦЕВА

Родена: во 1970 година во Штип
Кариера: РК Овче Поле, ДИН Ниш, Кометал Ѓорче Петров, репрезентација на Македонија и репрезентација (младинска и сениорска) на поранешна СФРЈ
Успеси: Европска шампионка со Кометал Ѓорче Петров во 2002 година, настап во уште едно финале во Лигата на шампионките, во 2000 година, седмо место во дебитантскиот настап на СП во Германија, во 1997 година, осмо место на ЕП во Романија во 1999 година, ракометарка на векот во Македонија