Пари Сен Жермен, со нов тим направен за освојување на Лигата на шампионите, во саботата доживеа тежок 34:24 пораз во првиот четврт-финален дуел кај Кјелце и нивниот тренер, поранешниот стратег на Вардар и ексмакедонски селектор Раул Гонзалес, призна дека таа предност тешко дека ќе може да се стигне.
-Тие беа многу подобри од нас, посебно во одбраната. Имавме добри први 15 минути, и потоа ништо не помогна. Во последните петнаесетина минути бевме многу лоши. Ќе се обидеме да имаме подобар меч во реваншот, но во моментов е тешко да се каже дека ќе одиме понатаму- вели Гонзалес за „Л’Екип“.
Талант Дујшебаев, тренерот на Кјелце вели дека тие се подготвени за „пеколот“ во Париз.
-Имаме неочекувана предност по првиот меч и нормално дека сме многу среќни. Знаеме дека во Париз ќе биде многу тешко, но ние го почитуваме нашиот противник, кој заедно со Барселона е најдобриот тим во ова натпреварување- вели Дујшебаев.