РАКОМЕТ

Германија ја освои третата кадетска континентална титула (има трофеи и во 2008 и во 2012 година) за ракометари до 18 години, а трипати била првак и во категоријата до 20 години (2004, 2006, 2014), со што е најтрофејна во младинска конкуренција

Кадетската репрезентација на Германија го освои златниот медал на Европското првенство за ракометари до 18 години, откако во финалето славеше победа над домашната репрезентација на Хрватска со 34-20. Во мечот за бронзениот медал, Шпанија беше поуспешна на дуелот со Словенија (37-28). ЕП за играчи до 18 години требаше да се игра минатата година, а Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши ова ЕП да биде за играчи до 19 години.

На патот до финалето, германските кадети забележаа пет победи, над Русија (35-27), Норвешка (27-21), Португалија (34-30), Хрватска (26-23) и над Шпанија (31-30) и едно реми со Данска (29-29). За Германците ова е трето злато на кадетските шампионати (претходно во 2008 и во 2012 година), а шесто вкупно во млади категории (во 2004, 2006 и во 2014 година за играчи до 20 години), со што е најтрофејна во младинска конкуренција.

Од селекцијата на Германија, место во оллстар-тимот добија голманот Давид Спет и десниот бек Ренарс Усцинс, а Хрватите ги имаат најдоброто лево крило Иван Барбиќ и најдобриот дефанзивец Мислав Обрадовиќ. Третопласираната Шпанија во своите редови го има најдобриот пикер Хавиер Родригез, а најкорисниот играч (МВП) на турнирот, кој наедно е и најдобар стрелец со 61 гол и најдобар среден бек во оллстар-тимот на ЕП, доаѓа од редовите на четвртопласираната Словенија, Митја Јанц. Португалија го има најдоброто десно крило Франциско Коста, а Шведска најдобриот лев бек Елиот Стенмалм, кој со 61 гол со Јанц е најефикасниот ракометар на турнирот.