Селекциите на Русија, Франција, Норвешка и на Хрватска пренесоа по четири бода од првата групна фаза и се во предност во трката за пласман во полуфиналето

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ

По победите во последното коло од групната фаза, селекциите на Црна Гора, Унгарија и на Холандија ги комплетираа групите за главната рунда на Европското првенство за ракометарки што се игра во Данска. Во директниот дуел во групата А, Црна Гора забележа минимална победа (26-25) над селекцијата на Словенија, а од групата Ц, пласманот во следната фаза се одлучуваше според подобрата гол-разлика во кругот од три репрезентации со еднаков број бодови (Србија, Холандија и Унгарија), по што во следната рунда се пласираа Унгарија и актуелниот светски првак Холандија.
ЕП заврши и за селекциите на Чешка, Полска и на Словенија. Во следната, главна фаза на ЕП во Данска, во групата 1 ќе бидат Русија, Франција, Данска, Шведска, Шпанија и Црна Гора, а во групата 2 ќе играат Норвешка, Хрватска, Холандија, Германија, Унгарија и Романија.

Селекциите на Русија, Франција, Норвешка и на Хрватска пренесоа по четири бода од првата групна фаза и се во предност во трката за пласман во полуфиналето. Германија, Холандија и Данска во вториот дел ќе продолжат со по два пренесени бода, Шведска и Шпанија имаат по еден, а без бодови во следната рунда од натпреварувањето влегуваат Црна Гора, Романија и Унгарија. Вториот дел од ЕП продолжува со денешните дуели Црна Гора – Русија и Франција – Шпанија во групата 1 и Хрватска – Романија и Холандија – Норвешка во групата 2.