Професионалните спортисти прво ќе мора во консултација со својот тренер и со кондицискиот тренер да направат план и програма за постепено враќање во форма, а ќе треба и заеднички да изберат умерена стратегија за тренинг, за да не дојде до повреди. Пожелно е да се направи и психолошки скрининг на спортистите пред да се продолжи со професионалното тренирање, вели Миркуловска

МАРИЈА МИРКУЛОВСКА, ПСИХОЛОГ-КОНСУЛТАНТ НА МЕТАЛУРГ

Враќањето во тренажен процес и постигнувањето оптимална натпреварувачка форма, по речиси тримесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот, ќе биде голем предизвик за сите спортисти, без разлика дали тренирале индивидуално во домашни услови за време на карантинот, вели психологот Марија Миркуловска.
Професионaлните спортисти што беа навикнати на континуирана активност со висок интензитет, излегоа од натпреварувачка форма поради принудното прекинување на тренинзите и натпреварувањата како последица на коронавирусот, кој ги запре речиси сите сфери на живеење.

– Намалената активност и пасивноста што настапија како последица на коронавирусот ќе имаат големо влијание во реактивирањето на моторните активности и поттикнувањето на физичката активност, а голема улога во квалитетното враќање во тренажниот процес ќе имаат и индивидуалната мотивираност и волјата за реактивирање – вели Миркуловска, која предупреди дека најголема грешка е да се продолжи онаму каде што се застанало, односно да се занемари паузата.
Психологот на Металург истакна дека професионалните спортисти прво ќе мора во консултација со својот тренер и со кондицискиот тренер да направат план и програма за постепено враќање во форма, а, исто така, ќе треба заеднички да изберат умерена стратегија за тренинг, за да не дојде до повреди. Таа додаде дека е пожелно да се направи и психолошки скрининг на спортистите пред да се продолжи со професионалното тренирање.

– Нормално е во почетокот кај дел од спортистите да се јави и минимална доза анксиозност во почетните стадиуми на кондициските тренинзи, но со правилна психолошка поддршка ваквите моменти професионалците лесно ги надминуваат. И тренерите и спортистите треба да бидат свесни дека телото во оваа фаза не е подготвено за истите предизвици како порано. Ако порано сте трчале 20 км на ден, сигурно не можете да продолжите со истата дистанца, или, пак, ако сте кревале тегови од 100 килограми, не можете да продолжите со таа тежина. Така би ризикувале сериозни повреди, тешки воспаленија и одново принудна пауза – вели Миркуловска.
Затоа, пред враќањето во тренажен процес, многу е важно да се направат мерења за кондицискиот статус на секој спортист поединечно и да не се форсира телото на активност што е надвор од неговите моментни можности.

– По одреден период пауза и неактивност, способноста на телото да се справува со тежините и да одржи баланс помеѓу активноста на мускулните групи е значително намалена. Степенот до кој е намалена оваа способност зависи од тоа колку долго траела паузата, колкава била физичката активност пред и за време на паузата и, секако, од предиспозициите на самата индивидуа – вели Миркуловска, која додава дека и исхраната игра многу важна улога во враќањето на формата, мускулната маса, цврстината и издржливоста на телото.


Мускулна меморија

Според психологот на Металург, Марија Миркуловска, една од најголемите предности на професионалните спортисти при враќањето на формата е мускулната меморија.
– Мускулната меморија ги памети моторните движења, па дури и развојот на мускулите. Ако тие некогаш биле поголеми и посилни, јадрото на мускулната клетка го „памти“ тоа. Благодарение на оваа физиолошка и невролошка способност на мускулната меморија, враќањето во форма по долгата пауза ќе биде многу побрзо отколку кога првпат се почнува со вежбање – вели Миркуловска. 

[email protected]