По СП, поради повреди, одреден период ќе паузираат повеќе играчи, меѓу кои и Палмарсон, Сорендо (Барселона), Циндриќ, Д. Душебаев (Киелце),
Р.Т. Хансен (Веспрем), сезоната заврши за голманот Думулин (Нант), а на подготовките за СП се повредија и Сигурдсон (Левен), Тонесен (Веспрем)…
Светското првенство (СП) во ракомет што минатиот викенд заврши во Германија и во Данска беше среќно за Данците, бидејќи им го донесе првото мундијалско злато, меѓутоа темната страна на 26-то СП ја почувствуваа десетина ракометри, кои поради повредите добиени на мечевите ќе треба да пропуштат дел или, пак, воопшто нема да заиграат до крајот на сезоната.
Францускиот голман Винсент Жерар, на пример, една од причините за повредите и исцрпеноста на ракометарите ја лоцира во бројот на натпревари што се одигруваат на светските првенства во краток временски период (по 10 репрезентациите што играа во полуфиналето, по девет тие што играа за пласман од петтото до осмото место итн.).
– Десет натпревари за 17 дена, во кои беа вклучени и патувањата Берлин – Келн – Хамбург – Хернинг се премногу. Ова темпо не може да се издржи, а не и да се игра цело време на високо ниво. Ние, играчите, мораме да се обединиме и да му ставиме крај на ова – изјавил Винсен Жерар за француските медиуми.
Со повредите загубија клубовите и играчите, на кои им претстојат најважните мечеви во продолжението на сезоната, во кои ќе бркаат шампионски и трофеи во куповите во домашните натпреварувања и клупските натпревари на Европската ракометна федерација (ЕХФ).
По Светското првенство, шпанскиот шампион Барселона на одреден период ги загуби централниот бек Арон Палмарсон и пикерот Седрик Сорендо. Извесно време без услугите на своите бекови Лука Циндриќ и Даниел Душебаев ќе биде и полскиот првак Киелце, кои поради повреди прерано го завршија настапот на Мундијалот во Германија и во Данска.
Постмундијалска пауза следува и за српскиот десен бек Немања Зеленовиќ (Гепинген, Германија), потоа за Тунижанецот Ваел Жалуз (Берлин, Германија), Шпанецот Даниел Сармиенто (Сент Рафаел, Франција), потоа пикерот на Веспрем, Данецот Рене Тофт Хансен, и за Исланѓанецот Арон Гунарсон во редовите на Бергишер (Германија).
Со завршувањето на Светското првенство сезоната заврши за голманот на француски Нант, актуелен европски вицешампион, Сирил Думулин, и за германскиот бек Мартин Штробел (Балинген), кои на Мундијалот претрпеа едни од најтешките повреди, кинење на предните вкрстени лигаменти на коленото, по што следува од шест до осум месеци пауза.
Поради повреди за време на подготовките за СП, Мундијалот и дел од продолжението на сезоната ќе го пропуштат и левото крило на германски Левен, Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон и десниот бек на Норвешка и на унгарски Веспрем, Кант Робин Тонесен.
За седум дена продолжуваат натпреварувањата во Лигата на шампионите и, на пример, во германската Бундес-лига, а сите други домашни и регионални првенства низ Европа продолжуваат викендов.