Главната мотивација беше дека во кризна состојба одговорност на раководството е да заземе став и да понуди решенија, вели претседателот на Европската ракометна федерација, Михаел Видерер

РАКОМЕТ

Објавата на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на алтернативните датуми за евентуално продолжување на сезоната, која е стопирана поради ширењето на коронавирусот, предизвика реакции во ракометните кругови. Во објавата, ЕХФ кажа дека нема да се организираат натпревари под нејзина капа во април и во мај, дека натпреварувањето би продолжило во јуни доколку дозволат условите со коронавирусот и дека завршниците во машката и во женската Лига на шампионите и финалето од Купот на ЕХФ ќе се играат во август и во септември. ЕХФ презентира студија за оправданост за потенцијално повторно почнување на европскиот ракомет од јуни годинава.

– Ја разјаснува ситуацијата со една двонасочна стратегија и, според добро познатата фраза од литературата во адаптирана форма, „да се игра, или да не се игра“, тоа е прашањето. И ние нудиме решенија за двете ситуации. Главната мотивација беше дека во кризна состојба одговорност на раководството е да заземе став и да понуди решенија. Кога нема натпревари клубовите немаат приходи, а ист е случајот со ЕХФ и со нашите партнери од Будимпешта, Берлин и од Келн. Од тие причини први понудивме алтернативни датуми и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ги организираме сите предвидени настани – вели претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер за интернет-страницата на ЕХФ.
Често поставувани прашања беа како може завршните турнири за сезонава да бидат на почетокот на идната сезона и за тоа како играчи што со еден клуб обезбедиле местото на фајналфор, во август да треба да играат за друг клуб.
– Ниту еден клуб во моментов нема место на фајналфорот, така што пристапот е само теоретски. Сите технички прашања ќе гледаме да ги одговориме навреме. Нашата следна задача ќе биде да ги анализираме организациските и техничките услови врз основа на нашите регулативи. Сепак, она што е најважно е дека сме на добар пат со подготовките за сите три настани и тоа дека имаме решенија како да стигнеме таму врз основа на спортските резултати – рече Видерер.

Видерер додаде дека сите оние што работат за и во ракометот, прават сѐ што можат да ги зачуваат квалитетот и конкурентната структура. Тој додаде дека тесно соработуваат со сите свои договорни партнери и се надеваат дека во брзо време ќе им го вратат ракометот на навивачите и на гледачите пред ТВ-екраните.

– Во соработка со Светската ракометна федерација, ќе се потрудиме да направиме стабилен меѓународен календар за следната година. Организација на ЛОИ напролет може да има негативен ефект на Светското првенство во Египет, па дури на ракометот на ЛОИ. Тоа не е посакувана опција за играчите, клубовите, лигата, ниту, пак, за националните тимови – рече Видерер.