Ефикасноста на вардаровиот напад во овој меч (55 отсто) беше повисока од онаа на Мешков (52 отсто), како и ефикасноста на шутот (66 отсто), за разлика од домаќинот (61 отсто), а двете екипи имаа по девет технички грешки
Одигравме добар натпревар, задоволен сум со ремито. Во првиот дел бевме израмнети, но во вториот сериозно заостанавме и константно бркавме негатива поради нашите чести исклучувања. Му честитам на мојот тим за освоениот бод, изјави вардаровиот тренер Роберто Парондо, по првиот нерешен исход (31-31) на црвено-црните во Лигата на шампиони (ЛШ) сезонава.
Во драматичен и неизвесен финиш во меч од 9-то коло на гости, Вардар спаси бод против белорускиот првак Мешков.
Ова беше четврти меѓусебен дуел на двете екипи во ЛШ, а вкупниот резултат е 2-1 за Вардар, со едно реми. Освоениот бод беше вреден за црвено-црните, оти скокнаа од петтото на третото место во групата А и сега имаат 11 бода, пет помалку од водечката Барселона, а еден помалку од второпласираниот Киелце, со кој в сабота (1.12) ќе играат во Скопје.
Процентуално, ефикасноста на вардаровиот напад во овој меч (55 отсто) беше повисока од онаа на Мешков (52 отсто), како и ефикасноста на шутот (66 отсто), за разлика од домаќинот (61 отсто), а двете екипи имаа по девет технички грешки на теренот. И покрај проблемите во одбраната, особено во првиот дел, Вардар најверојатно повторно ќе ја има најдобрата одбрана во групата А со 250 примени гола (27,7 во просек по меч), еден помалку од Барселона, но под услов француски Монпелје на вчерашниот дуел против шведски Кристијанстад да прими најмалку12 гола, што е реална опција. Убедливо најефикасен напад, пак, има Барселона, со вкупно 310 гола (34,4 во просек по меч). Шпанците во саботата го декласираа на гостински терен Киелце со 42-36, натпревар со дури 78 гола!