Вардар стана првата машка ракометна екипа во Македонија која успеала да впише
пет првенствени титули во низа

Со победата над Еурофарм работник со резултат 36-29 (19-14) во меч од 8-то коло од плејофот во домашното првенство, односно две кола пред крајот, ракометарите на Вардар веќе ја освоија 13-та првенствена титула. Со оваа нова титула Вардар стана првата машка екипа во Македонија која успеала да впише пет шампионски титули во низа, додека, пак, вкупниот рекорд по број на врзани шампионски титули го има женскиот клуб Кометал Ѓорче Петров, кој доминираше со 17 трофеи во низа (1992/1993- 2008/2009).

За избраниците на тренерот на Вардар, Роберто Парондо, ова е трет шампионски трофеј сезонава, по освојувањето на Суперкупот на Македонија и Регионалната лига (РЛ), што ги прави најтрофеен домашен машки тим.

– Многу сме среќни што повторно сме прваци на Македонија. Сите ја посакувавме оваа титула, бидејќи знаевме колку е значајна за клубот, за нас и успеавме во таа намера. За разлика од претходните мечеви, овој успеавме да го победиме на наш начин.

Против Металург не одигравме доволно силно како во ЛШ и го загубивме Купот, но е нормално што не играме секогаш моќно, оти речиси секој ден играме натпревари, а се соочивме и со повредени играчи. Сега фокусот е насочен кон претстојниот фајналфор во Келн, а посебно нѐ радува фактот што бекот Кристијан Дисингер се враќа во екипата, иако не е максимално подготвен – задоволно вели вардаровиот тренер Парондо по триумфот над Еурофарм и примањето на шампионскиот пехар.

Во 27-те сезони по осамостојувањето на Македонија, Вардар зад себе има освоено 13 шампионски титули во домашното првенство, 13 куп-трофеи, два Суперкупа, пет титули од РЛ и една титула европски првак (2017). 


Првенствени титули
Вардар 13
Металург 6
Пелистер 6
Борец 1
Преспа 1