Со триумфот над Веспрем на гости, црвено-црните само потврдија дека и годинава ќе атакуваат на првото место во својата група, а потоа и на завршниот фајналфор
Моравме да се соочиме со многу проблеми, бидејќи имаме повредени играчи и потесен избор од лани. Сепак, одигравме одличнo. Им благодарам на моите играчи, кои дадоа сè од себе. Среќен сум со новите бодови, бидејќи е многу тешко да се победи тука, во Веспрем, задоволeн e тренерот на вардарци, Роберто Парондо, по победата над унгарскиот шампион Веспрем, во рамките на 3-то коло од годинашната Лига на шампионите (ЛШ).
И со право. Ракометарите на Вардар продолжуваат да ги мелат своите противници, и дома и на гости, во ЛШ. Дека победата во 1-то коло против европскиот првак Монпелје не беше случајна, најдобро говори и третиот триумф во низа, а прв во меѓусебните седум дуели, против унгарскиот вицепрвак Веспрем, со 27-25 (кому ова, пак, му беше прв пораз дома по 13 меча), со што ја задржа лидерската позиција во групата А и е единствен со максимални шест бода. Со овој успех европскиот првак од 2017 година, но сега под водство на новиот шпански тренер Роберто Парондо, само потврди дека и годинава ќе атакува на првото место во својата група, а потоа и на завршниот фајналфор во Келн.
– Имаме играно десетина пати со Веспрем во последните три години и секогаш водиме голема битка на теренот. Сега одигравме одличен меч и јас сум горд на извојуваната победа – кратко прокоментира вардаровиот бек Игор Карачиќ.
Вардар играше хомогено, пожртвувано, храбро, цврсто во одбраната, а продорно во нападот, црпејќи енергија и тогаш кога противникот беше во налет. Го доби првото полувреме со 13-11, а во второто одигра нерешено, што беше доволно за триумф, иако имаше многу неизвесности и промени на резултатот.