Ракометарите на Вардар го направија првиот чекор кон одбраната на титулата во Регионалната Сеха лига победувајќи го белорускиот првак Мешков Брест во првиот полуфинален натпревар 33-24 (17-13).
Со оваа победа вардарци по шести пат се пласираа во финалето на Регионалната лига
во кое ќе играат за освојување на четвртата шампионска титула.
Избраниците на Раул Гонзалез во текот на целиот меч ја имаа иницијативата и контролата врз резултатот, а Мешков беше тој кој цело време бркаше резултат, но без забележителен ефект.
Вардарци од минута во минута ја зголемуваа предноста која на 10 минути до крајот изнесуваше високи 10 гола предност.
Најефикасни во победата на Вардар беа Лука Циндриќ со шест и Вуко Борозан со пет гола, додека најзаслужен за високата победа беше голманот Арпад Штербик кој нанижа 20 интарвенции.
Во составот на Мешков Брест најефикасен беше Максим Барану со девет реализации.
Во неделното финале во 20.15 часот Вардар за противник ќе го има победникот од вечерашниот дуел меѓу хрватскиот шампион Загреб и словенечкиот првак Целје.