Ефикасноста на вардаровиот напад од 63 отсто и 50 отсто на шутот, во однос на 46 и 57 отсто на Кристијанстад, петте технички грешки во однос на 10-те на гостите, зборуваат каде е создадена разликата за победата со 33-25 во 2-то коло на ЛШ
Најважно е што дојдовме до победа на овој меч, а овој пат клучни беа првите 10 минути и затоа потоа изгледаше сѐ така полесно. Задоволен сум од моите ракометри, кои одиграа многу добар натпревар. Им реков дека сите мечеви во ЛШ се силни, без разлика кој ни е противник. Ќе настојуваме на секој иден натпревар да играме во сите 60 минути со целосен интензитет, ако сакаме успех, рече вардаровиот тренер Роберто Парондо по убедливата победата во Скопје со 33-25 над шведскиот првак Кристијанстад, во 2-то коло од групата А во Лигата на шампионите (ЛШ).
Вардар и белоруски Мешков, кој, пак, на свој терен го изненади европскиот првак Монпелје (26-23), се единствените екипи со по две победи во групата А, а црвено-црните имаат и најдобра гол-разлика од плус 11.
Шведскиот првак по трите изминати сезони во ЛШ и оваа останува во немилост на црвено-црните во групната фаза во ЛШ. Вкупниот скор сега изнесува седум победи за Вардар со вкупна гол-разлика 218-176. Ефикасноста на вардаровиот напад од 63 отсто и 50 отсто на шутот, во однос на 46 и 57 отсто на Кристијанстад, петте технички грешки на вардарци во однос на 10-те на гостите, зборуваат каде е создадена разликата на овој дуел. Згора, деветте искористени седмерци на скопјани од исто толку удари, како и седумте контри од исто толку можности, само го надградуваат овој успех на Вардар.
Со оглед на резултатот, Парондо пред крајот на средбата им даде шанса на сите вардарови играчи да бидат дел од триумфот. Најефикасен беше десното крило Иван Чупиќ со седум гола, а кај гостите пикерот Адам Нифјал со пет. Во следното скопјани ќе имаат тешко гостување кај унгарски Веспрем.