Ракометарите на актуелниот европски првак Вардар триумфираа на меѓународниот турнир во Требиње (БиХ), откако во финалето го совладаа поранешниот европски првак Металопластика од Шабац, со 34-28. Претходно црвено-црните беа подобри од Борац Бања Лука (34-30) и од Леотар (38-18). Третото место го освои Бутан Плин од Изола, четврти е Борац Бања Лука, петти е Извиѓач од Љубишки, а шести заврши домаќинот Леотар.
Левото вардарово крило Тимур Дибиров е прогласен за најдобар играч и прв стрелец на турнирот.
– Благодарам за признанијата. Сѐ што работам, работам за мојот тим. Турнирот ги оправда нашите очекувања, а Металопластика се покажа како одличен ривал во финалето – рече Дибиров.
Вардарци под водство на новиот тренер, Шпанецот Давид Писонеро, првиот дел го добија со 17-14, а предноста ја одржаа и во второто полувреме. Најефикасни кај скопјани со по шест гола беа десниот бек Данаис Кристопанс и десното крило Иван Чупиќ.