Фото: Игор Бансколиев

На отвореното игралиште „Женска плажа“ во Струга, црвено-црните го совладаа Металург со 33-24

Ракометарите на Вардар го одбранија минатогодишниот, а стигнаа до првиот трофеј сезонава, откако во рамките на второто издание на ракометниот Суперкуп на Македонија славеа над Металург со 33-24 (16-10), на отвореното игралиште „Женска плажа“ во Струга. Со оваа победа, црвено-црните го одбранија минатогодишниот трофеј.

Металурзите добро се држеа до средината на првото полувреме (7-6), но серијата промашувања и технички грешки беа причината што вардарци на полувреме заминаа со предност од шест гола (16-10).

– Со мечот од Суперкупот ја реализиравме последната фаза од првиот микроциклус од подготовките за новата сезона. Резултатот не ни беше во преден план, важно ни беше да одиграме коректен натпревар со дозирана агресивност и во нападот и во одбраната, бидејќи нозете на играчите сѐ уште се тешки од подготовките во Маврово – истакна тренерот на голманите на Металург Петар Мисовски, додавајќи дека металурзите не беа во комплетен состав.

За разлика од Металург, за кого што ова беше прва контролка во подготовките, Вардар веќе одамна е во натпреварувачки ритам и очекувана беше офанзивната игра што ја демонстрира на теренот.

– Ова не беше вистинското лице на Металург. Причината за овој пораз ја гледам пред сѐ во нашата недисциплина во играта. Немавме тимска игра, се одеше на индивидуални решенија, се правеа технички грешки, а исто така и ние, голманите, не бевме на потребното ниво. Сметам дека ни треба уште време за да можеме да дојдеме до посакуваната форма и да ја прикажеме играта што ја посакуваме. Верувам дека до следниот меч со Вардар во 1-то коло од Регионалната лига (РЛ) ќе покажеме многу подобра и поборбена игра – оптимист е голманот Мартин Томовски.

Најефикасен ракометар на теренот беше левото крило на Вардар, Тимур Дибиров, со осум гола, додека кај Металург по четири погодоци впишаа Халил Јагањац, Филип Кузмановски, Димитар Димитриоски и Марио Танкоски.
Металурзите денеска имаат слободен ден, од утре во салата „Автокоманда“ во Скопје ќе продолжат со втората фаза од подготовките, на кои ќе се приклучи и првиот стратег Данило Брестовац.


Вардар – Металург 33-24 (16-10)

Струга. Игралиште „Женска плажа“. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.
ВАРДАР: Милосављев (14 одбрани и 1 седмерец), Петковски (1 одбрана), Стоилов 3, Недановски 3, Поповски 1, Кристопанс 1, Скубе 4, Чупиќ 2, Дибиров 8, Шишкарев 2, Борозан 2, Војводиќ 2, Кисељев 4, Мишевски 1. Седмерци: 0/1. Исклучувања: 8 мин.
Тренер: Роберто Гарсија Парондо.
МЕТАЛУРГ: Томовски (7 одбрани и 1 седмерец), Даниловски (1 одбрана), Петковски, Јагањац 4, Додиќ, Димитриоски 4, Токиќ 1, Шилегов, Танкоски 4, Кузмановски 4, Маџовски 1, Велковски 2, Лазаревски 2, Јагуриновски 1, Арсеновски 1. Седмерци: 1/2. Исклучувања: 4 мин.
Тренер: Оливер Димитриосkи.