Фото: Дарко Андоновски

Досега Вардар и Загреб во ЛШ се сретнале осум пати, а поуспешен е првакот на Хрватска со 4-3 во победи и еден нерешен резултат

Ракометарите на Вардар ќе играат против 27-кратниот првак на Хрватска и двоен европски првак (1992, 1993 година), Загреб во осминафиналето на годинашната Лига на шампионите (ЛШ). По 14 кола во групната фаза во групата А, Вардар го освои третото место, а Загреб предводен од словенечкиот тренер Бранко Тамше, заврши како шести во групата Б. Првиот меч ќе се игра во Загреб (20-24 март), а реваншот (27-31 март) во Скопје. Победникот од овој двомеч во четврт-финалето ќе игра со подобриот од дуелот Сегед – Висла.

Вардар и Загреб досега во ЛШ се сретнале осум пати, а поуспешни се Хрватите со четири победи, три порази и еден нерешен резултат, но последниве две сезони четири пати ги одмериле силите, а скопјани славеле трипати. Во Регионалната лига, пак, во седум сезони се сретнале 21 пат, при што Вардар победил 13 пати, загубил седум пати, а еден меч завршил без победник.

Сезонава во ЛШ, Загреб освои 11 бода (четири победи, три ремија и седум порази), со гол-разлика 359-388. Загреб е најнеефикасниот клуб во двете групи (во просек по 25,6 по меч), а ја има четвртата најдобра одбрана (27,7). Вардар, пак, е деветти според ефикасноста, со 406 гола (29 по меч), а со примени 390 гола ја има петтата најдобра одбрана (27,8).

Загреб има пет интернационалци (тројца од Словенија и по еден од Србија, БиХ и од Црна Гора), а најефикасен е десното крило Златко Хорват, кој е петти стрелец во ЛШ со 73 гола. Кај вардарци прв стрелец е десниот бек Данаис Кристопанс, кој е 15-ти на листата со 61 гол.

Од тимовите на македонските интернационалци, Нант на Кирил Лазаров ќе се сретне со Левен на Филип Талески. Мотор на Жарко Пешевски ќе игра со Киелце, а Веспрем на Дејан Манасков со Спортинг. Преостанатите две двојки од осминафиналето се Висла – Сегед и Мешков – Фленсбург. 


ОСМИНАФИНАЛЕ
1. Загреб – Вардар
2. Висла – Сегед
3. Спортинг – Веспрем
4. Мешков – Фленсбург
5. Мотор – Киелце
6. Левен – Нант
Мечевите се играат од 20 до 31 март. Барселона и ПСЖ
директно се пласираа во
четврт-финалето

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2
Победник 4 – Победник 3
Победник 5 – ПСЖ
Победник 6 – Барселона