Единствената почетна предност на Вардар пред овој дуел (барем статистички) е неговата одбрана, која е најдобра во групата А, со само 189 примени гола, четири помалку од Барселона
Ракометарите на Вардар, денеска (19 ч.), повторно ќе бидат пред тежок предизвик во Лигата на шампионите (ЛШ), и пак против осумкратниот европски првак, Барселона. За двете екипи ова ќе биде втор меѓусебен дуел за шест дена во најеминентното клупско натпреварување, но овој пат на гостински терен во рамките на 8-то коло. Како што е познато, во Скопје избраниците на тренерот Хавиер Паскал славеа со 30-26, со што му го нанесоа вториот пораз годинава на Вардар во ЛШ за моментно четврта позиција, додека Каталонците со само еден пораз се први во групата А, со 12 бода. Двата клуба досега во ЛШ ги одмериле силите вкупно 14 пати, а многу поуспешни се Шпанците со 11 победи, едно реми и два пораза.
Единствената почетна предност на Вардар пред овој дуел (барем статистички) е неговата одбрана, која е најдобра во неговата група, со само 189 примени гола (во просек 27 по меч), четири помалку од Барселона, која, пак, засега има најдобра гол-разлика (плус 45) во групата А.
Во Скопје, црвено-црните немаа решение против истурената одбрана на Шпанците (Дика Мем, Лудовик Фабрегас, Тимоти Н`гуесан), која претставуваше вистински бедем пред својот гол, а вардаровите централни бекови (Игор Карачиќ и Стас Скубе) таа нивна зонска поставеност не умееја да ја искористат со индивидуални продори. И овој пат одбраната ќе треба многу да внимава на налетите на десното крило Каспер Мортенсен, левиот бек Арон Палмарсон, левото крило Алех Абело, Мем, Фабрегас…
Најефикасни кај црвено-црните на мечот во Скопје беа левото крило Тимур Дибиров, со шест гола, десниот бек Даинис Кристопанс даде пет, а десното крило Иван Чупиќ четири. Кај Барселона предничеше францускиот бек Мем, со осум гола од 13 обида.
Ќе има ли сили Вардар да возврати за неделниот пораз пред своите навивачи? А, за да успее во таа намера, ќе му бидат потребни многу агресивност, трчање, пот и што помалку технички грешки. Ефикасноста на нападот во првиот меч од 47 отсто, наспроти 60 отсто на Шпанците, чии линии функционираа совршено, доволно говори за конечниот епилог.