Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тоа ќе бидат играчи што ќе бидат и подготвени да се навикнат на системите што ќе сакам да ги практикувам. Добро е што сум координатор во младите категории и што ќе можам да профилирам играчи какви што ќе ми бидат потребни и за во иднина. Многу битни ќе бидат отвореноста и соработката со клубовите во чии редови ќе играат потенцијалните репрезентативци. Формирањето Б-селекција, пак, ќе биде отворање врата и давање шанса што поголем број ракометари да станат репрезентативци за големи натпреварувања, рече Брестовац

Претстојниот квалификациски двомеч во април со селекцијата на Исланд за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2020 година ќе биде првиот селекторски предизвик за новиот кормилар на македонската машка ракометна репрезентација, Данило Брестовац, кој дојде на местото на Раул Гонзалес. Во квалификациската група 3 репрезентацијата на Македонија зад себе ги има двата меча со селекциите на Турција и на Грција, во кои забележа по една победа (31-27 над Турција во Битола) и пораз (28-26 од Грција на гости). На 10 и на 14 април претстои двомечот со Исланд, потоа во јуни се и реванш-дуелите со Турција на гости и со Грција дома.

– Веднаш по завршување на натпреварите во Регионалната лига ќе почнам со анализа на играта на Исланд. Никола Матлиески ќе биде мојот прв помошник. Добро функционираме, знам колку може и знае, и веќе сме воиграни. Брзо ги завршуваме анализите и сѐ што ни треба. Како советник во репрезентацијата сакам да биде ангажиран поранешниот селектор проф. Гино Стрезовски, додека, пак, како тренер на голманите ќе остане Александар Царчев. Од тоа што го видов на последното СП, голманите беа најдобриот дел од националниот тим. Димитар Маневски и понатаму ќе ја има улогата на физиотерапевт, а разговараме и за кондициски тренер.

Видеоматеријалите за анализа на противникот веќе ги имаме обезбедено, така што веќе идната недела со мојот тим ќе почнеме да ги извлекуваме важните детали на кои ќе обрнеме внимание во пресрет на мечевите со Исланд – изјави селекторот Брестовац.
Со преземањето на функцијата селектор, Брестовац, како еден од првите негови чекори, најави „ремонт“ на репрезентацијата, односно вклучување на имиња за кои смета дека треба да добијат шанса.

– Анализата на групата и распоредот на натпреварите што ни следуваат, ми даваат право уште сега да почнам да им давам шанса на оние на кои мислам дека националниот состав треба да се потпре во наредниов период. Тоа ќе бидат играчи што ќе бидат и подготвени да се навикнат на системите во одбрана и во напад што ќе сакам да ги практикувам за време на мојот мандат. Добро е што сум координатор во младите категории и што ќе можам да профилирам играчи какви што ќе ми бидат потребни и за во иднина. Во овој дел, исто така, се многу битни отвореноста и соработката со клубовите во чии редови ќе играат потенцијалните репрезентативци – рече Брестовац.

Селекторот беше еден од иницијаторите за формирање Б-репрезентација, која би била во функција на А-селекцијата на Македонија.

– Формирањето на Б-селекцијата ќе биде отворање врата и давање шанса што поголем број ракометари да станат репрезентативци за големи натпреварувања. Таа селекција ќе регрутира домашни играчи, кои ќе бидат запознаени со условите и со квалитетите што ќе треба да ги исполнат за да влезат меѓу најдобрите. Во Б-репрезентацијата сакам да им дадам шанса и на сите што ќе мислат дека грешам при изборот на најдобрите, и на тие собири ќе имаат можност да ме демантираат – појасни Брестовац.


Кадетите можат да победуваат репрезентации од дивизијата А

Како досегашен селектор на младите ракометни репрезентации на Македонија, Данило Брестовац ќе биде предводник на кадетите на претстојното Светско првенство за таа возрасна категорија, што во август треба да се игра во Македонија.
– Кадетската репрезентација веќе е формирана, ни претстојат само завршната глазура и финалните корекции во пресрет на првенството. Играта на последниот турнир ни покажа дека покрај тоа што можеме да се носиме со селекции од дивизијата А, ние можеме и да ги победуваме. Наша желба и амбиција е да влеземе во втората фаза од натпреварувањето, а потоа, доколку имаме среќа при добивањето на противниците, да ја искористиме до максимум – вели Брестовац.