Верувам дека од оваа наша трпелива работа полза ќе имаат и Металург и репрезентацијата, изјави Брестовац, тренерот на Металург
Ракометарите на Металург не се израдуваа на победа ни во 2-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ). Младиот тим на тренерот Данило Брестовац и овој пат одигра одлично прво и лошо второ полувреме, кое резултира со победа на Бешикташ со 30-22. Иако резултатот и играта не беа на задоволително ниво, тренерот Брестовац верува дека со малку повеќе трпение и работа, овој млад тим може да излезе на вистинскиот пат на успехот.
– Не направивме ништо изненадувачко ниту во дуелот со Бешикташ, иако верував дека можеме да стигнеме до победа. Турскиот состав на најдобар можен начин го канализира искуството на Немања Прибак, Рамазан Доне и на Толга Озбахар. Имавме добри моменти низ мечот, но повеќето беа лоши. Со младите ракометари мора да бидеме трпеливи, мораме да изградиме добра база, добар тим и да го комплетираме составот со два-тројца странци. Знам дека сите сакаат да видат резултати, но мора сите да бидеме трпеливи. Верувам дека од оваа наша трпелива работа полза ќе имаат и Металург и репрезентацијата – изјави Брестовац.
Халил Јагањац со седум и Анте Токоиќ со четири гола беа најефикасни кај Металург, а Марко Ласица со седум гола беше најефикасен кај Бешикташ. Во следното коло в недела (17 часот), Металург повторно ќе игра дома, овој пат со словачкиот првак Татран.
Вардар и Монпелје ги демантираа прогнозите на ЕХФ
Актуелниот европски првак Монпелје е најнепријатното изненадување по двете кола сезонава во Лигата на шампионите (ЛШ), иако пред почетокот на сезоната ЕХФ го смести на првата фаворитска позиција според формата и прикажаното во подготвителниот период. Монпелје досега загуби од Вардар (24-27) дома и од Мешков (23-26) на гости.
По двете кола, македонскиот првак Вардар ги демантира прогнозите на ЕХФ, кои пред почетокот на сезоната не го сместија ниту меѓу првите 10 фаворити за висок пласман. Иако играчки и тренерски реконструирани, вардарци со доминантната игра победија со Монпелје и со Кристијанстад (33-25). Од друга страна, пак, ѕвездениот тим на Раул Гонзалес, ПСЖ, ја оправда улогата на тим што располага со најквалитетни играчи што можат еднакво добро да одиграат во текот на сите 60 минути. ПСЖ и во двата меча забележа лесни победи, над Мотор (35-29) и над Целје (33-21). Та.Д.